Издавачката куќа „Арс Ламина“ во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, великанот на македонската книжевност објави пет негови книги кои ќе бидат претставени на 16 декември (четврток), со почеток во 19 часот, во фоајето на Националната опера и балет.

На свечениот настан „Сто години од раѓањето на Блаже Конески: Песна од копнеж и песна од мака“ ќе бидат претставени пет значајни дела. Станува збор за стихозбирките „Везилка“, „Црква“, „Црн овен“ и двотомниот избор од творештвото на Конески: „Збор и опит 1“ и „Збор и опит 2“, кои се со нови предговори и поговори, напишани од еминентни книжевници и професори.

На свеченоста ќе зборуваат авторите на предговорите, односно поговорите: академик Влада Урошевиќ, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, проф. д-р Зоран Анчевски, проф. д-р Иван Џепароски и проф. д-р Димитар Пандев.

Во програмата се предвидени и проекција на видео, специјално снимено по повод јубилејот, како и рецитал, во кој познатиот актер Ѓорѓи Јолевски ќе чита избор песни од Конески.

Модератори ќе бидат Бисера Бендевска и Ведран Диздаревиќ, уредници на петте книги, кои се дел од едицијата Македонски книжевни класици, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Реобјавените книги од Блаже Конески ќе бидат достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе можат да се набават и на промотивниот настан во Националната опера и балет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.