„Ана“ на Николо Аманити е добитник на наградата „Книжевни ѕвезди“ за најчитана книга меѓу две изданија на Фестивалот на европска книжевност.

Организацискиот тим на Фестивалот го најавува онлајн-гостувањето на моментално еден од најактуелните италијански автори, Аманити. В понеделник (26 октомври) со почеток во 19 часот во Кинотека ќе биде промовиран неговиот роман „Ана“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Калина Јанева. Романот беше најпродаваниот наслов на Првиот е-саем на книги во организација на „Антолог“, кој се одвиваше во април и мај оваа година, а е објавен со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија. Разговорот со авторот ќе го води книжевничката и универзитетска професорка Анастасија Ѓурчинова.

Николо Аманити

Главниот лик во романот, девојчето Ана, нејзиниот брат и други деца шетаат низ Сицилија, јадат слатки и конзервирана храна, борејќи се да преживеат. Храната и водата стануваат луксуз. Пожари беснеат низ целата земја. Пред четири години опасен вирус од Брисел ја заразил целата планета и го убил целото возрасно население! Останале само деца.

Организирани како детски орди, изгубените и оставени мали жители изгледаат како да ја започнуваат цивилизацијата од нула.

Поминувајќи низ низа авантури и опасности, спознавајќи ги љубовта и пријателството, Ана расте и созрева. Пред да умре, мајка им ги предупредува дека, кога ќе достигнат одредена зрелост, вирусот ќе ги убие и нив. Но им кажува и дека некој, некаде, ќе има лек!

Во овој извонреден дистописки роман, Аманити фрла остра критика на корпоративниот глобализам што владее со светот и го потсетува човештвото дека наскоро ќе исчезне ако се остави на ова и не се спротивстави.

Иако оригинално објавен пред 5 години, романот е неверојатно актуелен во моментов, пред сè поради тематиката што ја обработува, но и поради серијата снимена според него што наскоро ќе почне да се прикажува.

Николо Аманити (роден 1966) е италијански писател. Студирал биологија. Автор е на неколку романи и збирки раскази. Добитник е на највисоките книжевни награди во Италија – „Вијареџо“ и „Стрега“. Голем дел од неговите книги се филмувани од режисери како Габриеле Салваторес и Бернардо Бертолучи. Во 2014 година и Аманити се испробува како филмски режисер.

Настанот ќе биде организиран во согласност со протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан. Гостите се замолуваат да дојдат 15 минути пред почетокот на настанот.

Со овој настан Фестивалот „BookStar“ ги заокружува гостувањата на странски автори, а до крајот на неделата следуваат уште промоциите на две книги од домашни автори – поетската збирка Белиот шепот од Лидија Давидовска (во Скопје) и романот Виенски гамбит од Анде Јанков (во Велес).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.