…„Родителите на мечето беа во длабок сон. Со затворени очи се смешкаа, нешто убаво сонуваа.  Но, малото мече сон не го „фаќаше“  наслушнувајќи го детскиот  џагор што доаѓаше  однадвор…-пишува во најновата сликовница за деца „ Мечето што не го фаќаше зимски сон“ авторката Александра Велинова.

Во неа ,љубопитниот Алексеј и мечето ги носат најмладите читатели во незаборавна зимска авантура: прават пепрутки во снегот, жонглираат со снежни топки, скијаат, се сончаат на бачило и пијат чај, дишат чист воздух, се валкаат во снегот, уживаат во глетката на снежната планина. Но, и забележуваат и учат дека снегот се претвора во лед и во вода, всушност водата ја менува агрегатната состојба.

Никогаш не помислував да пишувам книги за деца додека не се родија моите. Голема е одговорноста да се пишува за деца, тешко е кратко да се пишува и треба да се внимава на каков начин и каква порака ќе им се пренесе на младите читатели. Кога станува збор пак за сликовница треба додека пишуваш да размислуваш и визуелно како ќе изгледа, илустрирано. Во зависност за која возраст е наменета треба да се запази и процентот на застапеност на текст и илустрација на страниците. Ако нема доза на хумор тешко дека ќе им го привлече вниманието, но пред се треба да бидат и едукативни.  Всушност, Стефан и Алексеј „ги пишуваат“, јас се потпишувам. И претходните и новава се инспирирани од наши патувања и разговори со нив. И тоа обично се случува неколку години потоа, не одам со план дека ќе пишувам. „Мечето што не го фаќаше зимски сон“ како идеја се роди при првата посета на планина на Алексеј пред  три години, објаснува Александра.

„Мечето што не го фаќаше зимски сон“ е поддржана од Министерството за култура. Им се придружува на „Бидејќи сум дете“, „Стефан во магичниот град“, „Стефан на прошетка со Ками во Египет“, „Стефан во Дино парк“, „На крилјата на самовилското коњче“, „Најубавите години“, „Стапки во пустина“, „Од дното на душата“, „Како ги заработив првите пари“ ( книга со интервјуа) кои се дел од творечкиот опус на Велинова. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Добитничка на престижната меѓународна награда „Антево слово“ (Сицилија, Италија).

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.