Ако сакате да нурнете во водитете на Црвено море, да го запознаете најубавиот подводен свет и зошто се вика така, како се прави папирус, како издржуваат камилите во пустина без вода, доколку сакате да крстарите по Нил, која е тајната на Еѓипјаните за среќен живот посетете го Промотивниот центар на Саемот на Книга во четврток во 18 часот. Преку разговор со присутните, литературна средба, авторката и децата Дениција, Стефан и Лана ќе промовираат најновата книга за деца од Александра Велинова „Стефан на прошетка со Ками во Египет“. Модератор ќе биде Дијана Димитриевска. Книгата е поддржана од Министерство за култура, а во издание на ИК „Едука Мак“.

Ова е втора книга од едицијата патувања кои произлегуваат од лични доживувања на авторката, по „Стефан во магичниот град“. Во рецензијата на Марина Мијаковска се вели:

Велинова ги води читателите на нова авантура во Египет. Книга е во форма на разговор меѓу детето и возрасниот и го развива логичното мислење кое се гради преку детските прашања и одговорите од возрасниот. Песните се пишувани во рима и има ритам што лесно може да се следи и да се запомни содржината со историски факти. Дијалогот го водат Стефан и камилата Ками што е негов туристички водич кој му одговара на неговите прашања и љубопитство. Целта на оваа книга е децата да се запознаат со значајните места во светот и нивната историја преку детските песни. Ваквите содржини се спој на визуелното и текстуалното и ја развиваат меморијата кај детето, комуникациските вештини, перцепцијата и развој на креативното мислење преку јасно изразената дидактичка порака. “

„НАСМЕВНИ СЕ, ВО ЕГИПЕТ СИ“

Каква ли е оваа земја
само од песок,
се симна Стефан од авион
и слушна силен тресок.

Џиновско животно со ногата стапна,
-Насмевни се, во Египет си –му рече.
А сонцето, нештедливо
пече ли, пече.

Затрепка со големите очи ,
му посака добредојде
го покани со него
што побрзо да појде.

Ох, колку си бавен ,
Ајде „ пушти чекор“
-му рече камилата Ками
на Стефан со прекор.

НУРКАЊЕ ВО НАЈУБАВИОТ ПОДВОДЕН СВЕТ

После долгиот лет,
одиме, во Црвеното море да се разладиш,
најубавиот морски свет
да го запознаеш и видиш.

Стефан се зачуди:
-Еј, па Црвено море, сино било?!
-Алгите кога ќе прецветаат
му даваат црвено-кафена боја дете мило.

-Да одморам малку,
ќе се сончам на плажа,
а ти нуркај и внимавај,
да не ти се појави ража!

-Отровна е со сплоснато округло бело тело,
опашка тенка и уста на средина има,
не живее ни во град ни во село,
само во големите води во лето и во зима.

Стефан најмногу од се сакаше да нурка ,
Да ги види коралите за кои татко му му кажуваше,
кои со векови растеа овде
и морето себично ги чуваше.

Ги имаше во различни форми и бои.
Колку ли добро овој на полицата моја ќе стои?
Како цвет исцртан на накит, а корал виде,
но, знаеше дека само морето негов дом може да биде.

На Стефан не му се веруваше што гледа!
Зарем е можно ова е сон?!
Рипчето Немо од него на една педа…
И сестри, браќа негови еден тон!

Рипчињата кон брегот го водеа ,
како да знаеја дека Ками го бара…
Загрижена камилата шета по плажата,
беше подготвена што се задржал да го кара.

А тој, кога излезе, не и дозволи
лута да биде,
веднаш и раскажа за се
што во водата виде.

ВО ФАБРИКАТА ЗА ПАПИРУС

По крстарењето со брод
по големата река,
пред фабриката за папирус Ками,
Стефан го пречека.

Што ли ќе прави човеков со сукало в раце,
како баба му кога сука пита?
Ками му шепна : хартија изработува,
на која може да се пишува и чита.

Прво од папирусот ја истиснува водата,
и во преса една недела го чува,
додека не стане папирусот
хартија сува.

Тука се корените на книгата,
Неуморно објаснуваше Ками,
а на Стефан една слика
погледот му го мами.

-Погледни, Ками, ова на сликата си ти,
на зајдисонце во пустина?!
-Да, јас, со мајка ми и татко ми
кај пирамидите, навистина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.