Опишувајќи го како автор кој знае да проникне во психата и душата на своите ликови без притоа да морализира, писателот Александар Прокопиев го истакна Димитар Солев и неговиот роман „Зора зад аголот“ како незаобиколив дел од македонската литература. На вчерашниот онлајн-разговор по повод реобјавувањето на „Зора зад аголот“ со нов и современ изглед, тој се наврати на опусот на Солев, но и на заедничките дружби пред многу децении. Прокопиев посочи дека станува збор за писател кој отсекогаш бегал од шаблоните и едноставно не можел никогаш да се стави во еден калап. А, воедно го нарекува човек-камера кој во себе носи ненаметливост, но и огромна дарба да ги забележува деталите.

„Зора зад аголот“ е објавен во едицијата „Македонски книжевни класици“ во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, чијашто цел е приближување на култните дела од нашата книжевност кон новите читатели. Современата корица на романот е мотив од слика на уметникот Васко Ташковски, кој, пак, работел како сценограф во Македонската телевизија во периодот кога Солев бил директор. Прокопиев го напиша поговорот на новото издание, а на вчерашниот онлајн-разговор што го водеше уредничката Бисера Бендевска навлезе во детали за творештвото на овој великан на нашата книжевност.

Во македонската литература ретко се сретнува човек кој го промовира егзистенцијализмот на Сартр, а беше и водечки полемичар во онаа позната дискусија помеѓу реалистите и модернистите. Беше единствениот аргументиран и убедлив полемичар, иако во таа дискусија имаше други многу познати и важни автори. Го одвојуваше меката упорност и слободоумноста во најубавата смисла на зборот. А, кога се читаат неговите прозни дела тоа се гледа – посочи Прокопиев и се наврати на студентските денови во Белград кога фасциниран од творештвото на Солев напишал осврт на романот „Зора зад аголот“, што бил објавен во културната рубрика во познатиот весник „Политика“.

Овој роман е средношколска лектира што им овозможува на младите читатели да ги прошират своите хоризонти. Приказната е фокусирана на еден млад писател, кој ги бележи судбините на посетителите на градската кафеана „Зора“. Воедно е и едно од првите дела каде што дејството се случува целосно во урбана средина.

Солев не го издвојува само стилот и јазикот туку и начинот на кој му приоѓа на обичниот живот. Има галерија ликови и од нивниот начин на однесување, говор, комуникација со другите, тој ги шири видиците на нашето сфаќање на животот. Кога ги читаме сите судбини во „Зора зад аголот“ тие се проникнуваат, се испреплетуваат и за секој почувствителен читател кој го забележува животот и не се затвора во меур, Солев е одличен иницијатор да ја засака литературата. Иако зборува за одамна минато време како да зборува за сега и тоа го прави на вешт, артистичен начин – посочува Прокопиев.

Во полемиките секогаш ја застапувал страната на модернистите, но не може да се каже дека во неговото пишување се препознаваат јасни модернистички црти. Во контекст на тоа дека Солев не можел никогаш да биде ставен во еден калап, кај него се препознава и егзистенцијализам, па дури и предвесништво на постмодернизмот. Сепак, Прокопиев потцртува дека секогаш го следи натпросечно забележување на животот, а воедно бил човек кој сакал да дискутира, но тоа го правел со тивок тон и со огромна способност да слуша.

Димитар Солев е роден во 1930 година во Скопје и е познат како раскажувач, романописец, драмски автор, есеист, книжевен критичар и преведувач. Бил уредник во Телевизија Скопје, директор на Македонската радио-телевизија, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Солев бил член на Македонскиот ПЕН центар, а во 1956 година станал дел од Друштвото на писателите на Македонија, каде што бил и негов претседател одреден период. Познат е по романите „Мртва трка“, „Дублер“, „Дрен“ и како сосценарист и автор на многу збирки раскази.

Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“ досега се објавени девет книги од творештвото на Петре М. Андреевски, стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски, „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго и „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев. Освежување на амбициозната едиција се делата „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев, а во план е во иднина да се издадат уште многу дела што се сметаат за столбови на нашата литература со цел да допрат до новите генерации читатели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.