Актерот Диме Илиев ја доби наградата за животно дело „Петре Прличко” за 2019

Култура 08.11.2019 / 10:33

Актерот Диме Илиев од Драмскиот театар-Скопје кој од неодамна е во пензија, годинава е добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко” што ја доделува Општина Велес.

Диме Илиев одиграл над 150 театарски улоги од кои поголем дел главни, осум улоги на филм, 18 телевизиски и 200 радиодрамски улоги. Наградата „Петре Прличко”  е востановена во 2006 година, а на Илиев  ќе му биде врачена вечерва во 20 часот во Велешкиот театар. Во негова чест театарот ќе ја изведе најновата претстава „Слуга на двајца господари” во режија на Ненад Витанов.

Претседателот на жирито за доделување на наградата „Петре Прличко” за 2019, Сашо Димоски, денеска на прес-конференција соопшти дека  во конкуренција биле четворица актери и дека жирито едногласно ја донело одлуката добитник да биде 67-годишниот Диме Илиев.

Илиев е добитник и на голем број награди, почнувајќи од 1977 кога ја добил Наградата за најдобар млад актер за улогата на Младичот во „Црнила”, до наградата Актер на годината во 2015 што му ја додели „Дневник”.

Наградата што ќе му биде доделена вечер се состои од  плакета со ликот на Петре Прличко и паричен износ од 500 евра. Општина Велес првично ја доделуваше заедно со Здружението на драмски уметници „Џинот”, а во последните неколку години самостојно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.