Агенцијата за филм доби поддршка од целата своја фела за своето работење, а особено за спроведувањето на ковид-19 мерките кои се слични со други европски агенции за филм, што е директен фидбек дека се работи за вистински решенија во вистинско време. Агенцијата за филм постои за македонскиот филм и за луѓето што работат во оваа област. Што се однесува до правното и финансиското работење на Агенцијата, во целост се запазуваат постапките пропишани со закон, вклучувајќи ги и постапките за склучување на договори и исплата на парични средства врз основа на таквите договори, соопшти Агенцијата.

Од таму додаваат дека иако Агенцијата за филм е прозвана од Трансперенси Интернешнел, базирајќи се врз неколку медиума кои водат негативна кампања дека финансирала повеќе од 30 филмски проекти спротивно на Законот за филмска дејност, без да биде обезбедена банкарска гаранција од корисниците на средства, при што наводно е оштетен буџетот на Македонија, би сакале јавноста да биде точно информирана дека ваквото тврдење не само што е целосно невистинито, туку е објавено и спротивно на закон.

Никогаш не сум интервенирал во договорите кои се склучени со Агенцијата за филм, не сум вршел промена на текстот на договорите и никогаш не сум вршел исплати на средства надвор од договорите, а договорите секогаш биле склучувани во потребната форма. Воедно, никогаш не сум одобрил исплаќање на средства без банкарски гаранции, како што се наведува во соопштението, изјави Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм.

Транспаренси Интернешнел нема право по закон да постапува по некаков „допрен глас“ при тоа, изнесувајќи во јавноста непотврдени и непроверени тврдења, без да ја контактира Агенцијата за филм и Тозија, како в.д. директор, и да се става во улога на орган на прогон.

Но, затоа надлежните органи би требало да проверат дали Транспаренси Интернешнел криејќи се позади наводната грижа за општо добро во суштина ги протежира и штити интересите на определени поединци кои имаат и те каков интерес да се наштети на г-дин Горјан Тозија и на дел од филмските работници? Оттука, a и со оглед дека во соопштението се изнесени невистинити информации со кои се нарушува честа и угледот на директорот на Агенцијата, ќе се бара извинување од страна на Транспаренси Интернешнел Македонија за изнесените информации, се вели во соопштението на Агенција за филм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.