Инспекцискиот надзор на Министерството за култура констатира дека пријавите на Милчо Манчевски за наводен конфликт на интереси во Агенцијата за филм и на директорот Горјан Тозија се неосновани, ссопштија од Агенцијата за филм.

Оттаму укажуваат дека Државниот управен инспекторат ќе и поднесе предлог на Државната комисија за спречување на коруцијата Антикорупциска да ја стопира истрагата поведена против Тозија и Агенцијата за филм.

Од Агенцијата сметаат дека одлуката на инспекторите ги демантира медиумските написи со кои во континуитет се дискредитира не само угледот на Агенцијата за филм, туку и на рецензентите Ана Василевска и Бранко Петровски.

Врз основа на утврдената фактичка состојба при вонредниот инспекциски надзор, не е констатирано дека од страна на пријавените лица Бранко Петровски (во својство на член на Филмскиот совет и финансиски советник), и Ана Василевска (во својство на член на Филмскиот совет и рецензент), е сторена повреда на одредбата од членот 54 од Законот за филмската дејност, односно не е утврдено нивно учество на конкурсите на Агенцијата за филм со свои проекти. Во меѓувреме согласно со член 22 став (2) од Законот за филмската дејност, на 10.7.2020 година од страна на в.д. директорот на Агенцијата за филм се именувани нови членови на Филмскиот совет, на место на горенаведените лица. Оттука, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба при вонредниот инспекциски, надзор инспекторот ја запира постапката во согласност со член 83 став (5) од Законот за инспекциски надзор, а примерок од Записникот се доставува на увид и надлежност на Државната комисија за спречување на корупцијата согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Сл. весник на РМ“ бр. 12/2019), а во врска со членот 32 од Законот за филмската дејност, пишува во одлуката на Инспекторатот која ја објави Агенцијата за филм.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.