На денешен ден, 15 ноевмри во 1939 година во Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни „Бели мугри” од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин. Според вообичаената комунистичка практика, насловот е испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавува под псевдонимот „К. Рацин“.

Таа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година.

Збирката, испечатена во 4.000 примероци, претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна.

„Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе.

Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух.

Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.

Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерен повик („Копачите“), патриотски мотиви („Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“), жал за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.