Пред 75 години, со одлука на Президиумот на АСНОМ е основан Македонскиот народен театар (МНТ), кој работи во тогаш единствениот театарски објект во градот, кој е изграден на иницијатива на Бранислав Нушиќ, од левата страна на Вардар. МНТ и денес се наоѓа на истото место.

МНТ изникнува од сценската активност на група актери и уметници како дел од партизанскиот театар во текот на војната и социјалистичката револуција, и тогаш најпознатата културно-уметничка група „Кочо Рацин“, за да стане јадро на театарската дејност. Станува прв национален македонски професионален театар. За директор е поставен режисерот Димитар Ќостаров, а актерот Илија Милчин за секретар-драматург, а веднаш потоа и за актер.

Во првиот ансамбл на МНТ биле: Петре Прличко, Тодор Николовски, Крум Стојанов, Трајко Чоревски, Мирко Стефановски, Благоја Црвенков, Вера Вучкова, Тодорка Кондова, Тома Кировски, сценографите Томо Владимирски и Василие Поповиќ – Цицо и повеќе сценски и административни работници. Уште пред официјалното формирање, тие го започнуваат патувањето на МНТ кон крајот на 1944 година со рецитирање поезија и изведба на едночинките: „Еден е патот“, „Нашето девојче“, „Љубов и долг“, „Гардиското знаме“ и „Силата на љубовта“, сите во режија на Димитар Ќостаров.

Основањето на МНТ како законски конституирана национална установа е надоврзување на патувањето кое го започнаа: Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Војдан Чернодрински, Петре Прличко и Димче Трајковски. Продолжи на 3 април 1945 година со првата премиера „Платон Кречет“. Оттогаш МНТ и понатаму патува и сведочи за раѓањето, растежот и сегашниот миг на Македонскиот народен театар. Создава свое место во земјата и на мапата на некогашна Југославија, Европа и светот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.