Шеесет странски македонисти и слависти од седумнаесет држави ќе учествуваат на јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Оваа јубилејна школа ќе се одржи со најголем број семинаристи последниве години, а нејзината програма се очекува да им овозможи и нови видици и да ги поттикне на нови истражувачки потфати за македонистиката.

В петок, на 19 август, со почеток во 12 часот во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи свеченото отворање на јубилејното издание на овој стожерен настан за македонистиката и нејзината афирмација во светот. Летната школа ќе трае до 2 септември годинава.

На отворањето, како што е најавено, обраќања ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Во рамки на отворањето на Школата е најавена и промоција на новите изданија на учебниците за странци – „Тешкото“ (македонски јазик, почетно рамниште) од проф. д-р Симон Саздов, „Лозје“ (македонски јазик, средно рамниште) од доц. д-р Гордана Алексова и „Везилка“ (македонска литература и култура) од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Промоторка на изданијата коишто ќе се користат на јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а потоа и на странските универзитети ќе биде проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Традицинално, на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Борче Арсов, долгогодишен лектор на школите на Семинарот.

Според програмата, во Охрид денеска ќе пристигнат странските македонисти и слависти, кои ќе следат и лекторска настава. Веќе се организирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. Наставата за групите ќе ја изведуваат лектори коишто ќе го вложат сопствениот максимум во пренесувањето знаења на странските слависти и македонисти – проф. д-р Борче Арсов, доц. д-р Гордана Алексова, доц. д-р Бобан Карапејовски, доц. д-р Бојан Петревски, м-р Иван Антоновски и м-р Марија Пандева.

Првото предавање на Школата ќе го одржат проф. д-р Елка Јачева-Улчар, Ласко Џуровски и Лазе Трипков, на тема „Глаголицата и кирилицата низ призмата на богатото македонско културно-историско наследство и нивната примена“. Во рамките на посетата на манастирскиот комплекс „Св. Наум“, предавање за „Св. Наум и пророкот Наум“ ќе одржи проф. д-р Ѓоко Ѓорѓески.

Јубилејот 70 години од раѓањето на Горан Стефановски ќе биде одбележан со предавање на проф. д-р Наташа Аврамовска за локалното и универзалното во драмскиот свет на Стефановски, а ден потоа, проф. д-р Искра Пановска-Димкова ќе одржи предавање на тема „Фонетско-фонолошките предизвици при усвојувањето на македонскиот јазик како странски“.

Осврнувајќи се на разговори со клучни автори за македонската книжевност, предавање ќе одржи и проф. д-р Кристина Николовска, за „Разговорница“ – ТВ-љубопитница и книга прашувалница. Проф. д-р Катерина Велјановска ќе одржи предавање за имињата и фразелогијата, а ден потоа предавање ќе одржи и проф. д-р Марија Паунова, на тема „Македонски лингвокултуролошки материјал (дијахронија и синхронија)“.

Во рамки на Школата ќе биде одбележан и големиот јубилеј 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, со предавање на проф. д-р Славчо Ковиловски за Делчев како културна икона.

Првпат во рамки на школите на Семинарот, одделно внимание ќе биде посветена на македонската мода и македонскиот моден дизајн како составен дел од македонската култура, со предавање на проф. д-р Лидија Георгиева на тема „Зборувате ли македонска мода?“. На Школата ќе биде одржано предавање и за интермедијалните проникнувања на современата македонска книжевност со сликарството и музиката, од страна на проф. д-р Владимир Мартиновски, а македонската традиционална култура, културно наследство и идентитет ќе бидат тема на последното предавање на Школата, коешто ќе го одржи проф. д-р Велика Стојкова Серафимовска.

Преку програмата на ова исклучително значајно, јубилејно издание на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ, професори од некои од факултетите при УКИМ, со предавања од областа на македонската култура првпат ќе се вклучат во програмските активности на Семинарот. Ова дополнително укажува дека мисијата на МСМЈЛК при УКИМ за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што Семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот, соопшти организаторот.

Со програмата се предвидени и неколку промоции на изданија меѓу кои се издвојуваат: – „Охридски раскажувачи“ и „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“, приредени од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. На промоцијата на овие книги ќе се обратат градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Христо Петрески, по повод 75 години од формирањето на ДПМ, а промотори ќе бидат асс. м-р Иван Антоновски и доц. д-р Бобан Карапејовски.

Предвидена е и промоција на „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории“ од истакнатата македонистика од МГУ „Ломоносов“ во Моска, академик Ала Шешкен. Промотор на ова издание за рецепцијата на македонската книжевност со историографаска диоптрија ќе биде проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Семинаристите на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат специјални гости и на 34. издание на традиционалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ (ПНВ). Соработката меѓу МСМЈЛК при УКИМ и ПНВ датира од пред неколку години и семинаристите редовно се дел од оваа значајна културна манифестација.

На Школата ќе биде организирана и преведувачка работилница, којашто ќе ја води проф. д-р Лидија Танушевска. За семинаристите коишто потемелно се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата ќе се одржи и курс по македонски ора, којшто ќе го води Сашко Јованоски.

Според програмата, Школата ќе биде затворена со завршна средба на 2 септември, а за потоа се најавува и 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, којашто ќе е одржи на 4 и 5 септември 2022 во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

На јубилејната, 55. Летна школа ќе учествуваат семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република. Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и млади кадри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.