14-годишниот Петар Маниќ ја толкува главната улога во првиот македонски детски семеен филм „Стела“ чија премиера е закажана за 18 септември, во петок на отворањето на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

Филмот, чиј режисер е Стојан Вујичиќ ја раскажува приказната за шарпланинката Стела, Никола и неговиот дедо. Низ приказната за кучето Стела, еден дедо и едно дете, филмот ги отвора темите за одроденоста на современиот човек, неприфаќањето на различноста и булингот меѓу младите. Маниќ, кој го игра малиот Никола, признава дека и самиот бил жртва на малтретирање.

Има насилство меѓу децата и јас самиот некогаш сум бил жртва, вели Маниќ, кој е внук на доајенот на македонската забавна музика Томислав Маниќ, најпознат по евергрините „Кажи зошто ме остави“ и „Црвени рози“.

Петар признава дека многу работел со учителката по глума и со режисерот Вујичиќ, но моментот со булингот, односно малтретирањето деца го препознавал и знаел како да го одлуми, бидејќи го доживеал.

Во филмот главните улоги ги толкуваат: младата шарпланинка Стела, 13-годишниот Петар Маниќ кому ова му е прва улога, Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографијата е на Гого Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, а снимател на звукот е Срѓан Бајски. Снимањето на филмот се oдвиваше во Скопје, а потоа продолжи во живописниот Галичник и на падините на планината Бистра, а заврши во Штутгарт – Германија“.

На младиот Маниќ, кој имал искуство пред камера претходно, ова му е прв долгометражен филм. Беше срамежлив, но многу искрен и непосреден пред новинарските екипи на прес-конференцијата која вчера се одржа во Младиснкиот културен центар (МКЦ) кога беше најавена програмата за „Синедејс“.

Во текот на снимањето ја скршил и ногата, па некои сцени се снимани со дублер.

Кога ја скршив ногата прво што помислив беше: Што ќе ѝ кажам на екипата?, вели Маниќ.

Режисерот Вујичиќ вели дека со филмот сака да испрати порака да им се ослободи место на децата во општеството за да се реализираат.

Децата во нашето општество , иако се деца, иако мислиме дека ние ги воспитуваме, им даваме насоки , мора да им ослободиме простор кога ќе дојде времето, за да си ја докажат својата индивидуалност. Во спротивно, ќе добиеме бунтовници кои ќе се борат до крај и нема ни на нив да им биде јасно, зошто и како, вели режисерот на „Стела“.

Дејан Лилиќ, кој ја игра улогата на таткото во филмот вели дека ова можеби му била најтешката улога досега која ја одиграл, бидејќи 90 отсто од филмот тој говори на германски јазик.

Филмов ме научи да не сме толку проклето амбициозни. Од моментот кога сме решиле да имаме семејство, не сме веќе сами, рече Лилиќ.

Продуцентот Огнен Антов изјави дека „Стела“ е првата домашна еко или зелена продукција.

Бевме водени од најновите светски еколошки стандарди, да го намалиме производството на отпад на минимум, да ја намалиме емисијата на штетни гасови, да го рециклираме отпадот, заврши Антов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.