Под мотото „Будење на сонот“, годинешното 12. издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) ќе биде обележано во знакот на надреализамот и шпанскиот генијален автор и режисер, Луис Буњуел. Веќе втора година, во соработка со Музејот на современата уметност, Фестивалот ја организира ФФФ@МСУ проекцијата на документарен филм – во просториите на Музејот, годинава на 14-ти мај (сабота) во 12.00 часот – којашто ќе ја најави годинешната богата програма на Фестивалот. Во соработка со Музејот на современата уметност Скопје, Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје и Кинотеката на Македонија, годинешниот избор падна на документарниот филм „ГЕНЕРАЦИЈА: БУЊУЕЛ, ЛОРКА, ДАЛИ“ (Generación: Buñuel, Lorca, Dalí, 2018) во режија на Хавиер Еспада и Алберт Монтон.

„ГЕНЕРАЦИЈА: БУЊУЕЛ, ЛОРКА, ДАЛИ“ е документарен филм којшто ја раскажува приказната за незавршената биографија на Макс Ауб (Max Aub), посветена не само на Буњуел, туку и на целата Генерација ‘27 со златната тројка Буњуел-Лорка-Дали како стожер на шпанската култура од XX век. Луис Буњуел, Салвадор Дали и Федерико Гарсија Лорка – млади и бистри, интелигентни и весели, имаа проект за модернизација на земјата, визија за промена којашто секогаш беше придружена со насмевка, шега и генијалност. Но, тие ја претрпеа и трагедијата на војната којашто ги обележа и нив и целата нивна генерација. Некои беа убиени, како Лорка. Други беа принудени да отидат во егзил, како Буњуел. А некои, како Дали, мораа повторно да се реосмислат преку карикатура, понекогаш брилијантна, понекогаш срамна, за да преживеат.

Во 1967 година, издавачката куќа Агилар побара од Ауб да ја напише биографијата на колегата од мексиканската генерација и егзил: филмскиот режисер Луис Буњуел. Кога Ауб умира на 22 јули 1972, на своето биро остава 5.000 страници напишани на машина, резултат на незавршен проект кој ја надминуваше типичната биографија и ја одразуваше синтезата на цела генерација шпански уметници чиишто животи беа обележани од три војни и прогонство кое траеше повеќе од 30 години. Овој хетероген сет на материјали ја одразуваше и модерната концепција на Ауб за наративниот жанр: лик конструиран од мозаик од различни визии и разнородни материјали.

Филмското матине кое воедно е и најава за Ретроспективата Буњуел во рамките на Фестивалот (19-27 мај, Кинотека) ќе се одржи на 14 мај (сабота), со почеток од 12:00 часот, во Музејот на современата уметност Скопје. На настанот ќе се обратат Слаѓан Пенев од Филозофскиот филмски фестивал, амбасадорот на Шпанија во Скопје, Н.Е. Хосе Луис Лосано Гарсија и проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет во Скопје со воведно излагање. Влезот е бесплатен, во рамките на капацитетот на аудиториумот во Музејот на современата уметност Скопје.

РЕТРОСПЕКТИВАТА БУЊУЕЛ ќе се одвива од 19-27 мај во Кинотека, со почеток на проекции во 21 ч. Во нејзините рамки ќе бидат прикажани филмовите:

19 мај – Краткометражна вечер

АНДАЛУЗИСКИ ПЕС (1929)

ЗЕМЈА БЕЗ ЛЕБ (1932)

СИМОН ПУСТИНИКОТ (1965)

излагање (дискусија): м-р Ернесто Хедереро дел Кампо (Шпанија)

наслов на излагање: „Буњуел и шпанската култура“

20 мај – ВИРИДИЈАНА (1961)

излагање (дискусија): Стојан Синадинов

наслов на излагање: „Виридијана: невиност без заштита“

21 мај – АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ (1962)

излагање (дискусија): проф. д-р Луис Мартин Ариас (Шпанија)

наслов на излагање: „Философска анализа на филмот Ангелот истребувач

23 мај – ДНЕВНИКОТ НА ЕДНА СОБАРКА (1964)

излагање (дискусија): Златко Ѓелески

наслов на излагање: „Поглед низ клучалката во перверзиите на буржоазијата:

Од дневникот на Мирбо до атипичниот реализам на Буњуел“

25 мај – УБАВИЦАТА НА ДЕНОТ (1967)

излагање (дискусија): Даријан Пејовски

наслов на излагање: „Убавицата на денот: Надреализам во конвенционално филмско раскажување“

26 мај – ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА (1972)

излагање (дискусија): м-р Мариглен Демири

наслов на излагање: „Буржоазијата, демократијата и народот“

27 мај – ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА (1977)

излагање (дискусија): проф. д-р Јасна Котеска

наслов на излагање: „Тој мрачен предмет на желбите: Психоаналитички поглед врз светот на Буњуел“

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.