В недела, во домот на културата во Босилово, ќе се одржи уникатен настан, концерт со инструменти направени од отпад.

Настанот е насловен „Креативна рециклажа“, а целта е да се сврти вниманието на јавноста кон прекумерното фрлање на отпад што може да се селектира и рециклира, но и да се покаже дека и од отпадот може да се направи нешто креативно и практично.

Креатори на проектот се Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров, музичари по професија кои веќе подолго време самите ги изработуваат инструментите на кои ќе музицираат в недела.

Со овој концерт и официјално ќе започне културното лето во општина Босилово која е една од ретките рурални општини во регионот која годинава подготви богата културна програма со околу дваесетина настани.

Културното лето ќе трае до крајот на август, а во негови рамки ќе бидат одржани повеќе коцерти со настапи на познати изведувачи од забавната и поп-музика, фолклорни ансамбли, ликовни работилници, кино-проекции, литературни читања, театарски претстави, но и голем број детски претстави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.