Ерменија, Азербејџан и Русија објавија дека потпишале договор со кој се прекинуваат воените дејствија во Нагорно-Карабах. Со овој договор треба да се стави крај на жестоките судири што траат повеќе од еден месец.

Декларацијата е потпишана по шест недели жестоки борби помеѓу азербејџанските и силите за одбрана на Нагорно-Карабах поддржани од Ерменија.

Потпишувањето на договорот го потврдија трите страни.

Потпишаната трилатерална изјава ќе биде клучната точка во решавањето на конфликтот – изјави претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин кој беше одржан онлајн.

Путин изјави дека долж границата во Нагорно Карабах и долж коридорот помеѓу двете земји ќе бидат разместени руските мировни сили. Рускиот претседател истакна дека со договорот ќе се воспостават услови за „долгорочно и целосно решение на кризата во Нагорно-Карабах“.

Рускиот министер за одбрана, пак, Сергеј Шојгу, потврди дека Русија веднаш ќе почне да разместува речиси две илјади припадници на мировни сили, додека Алијев најави и учество на Турција во процесот на чување на мирот.

Одлуката е донесена врз темел на внимателна анализа на состојбата на боиштето и разговорите со најдобрите експерти на теренот. Ова не е победа, но нема пораз ако не се сметаш за поразен. Никогаш нема да се сметаме за поразени, а ова ќе биде нов почеток на нашето национално единство и препородување – изјави ерменскиот премиер Никол Пашињан во емотивно писмо до нацијата.

Мировниот договор доаѓа неколку часа откако официјални претставници на регионот Нагорно Карабах потврдија дека стратешкиот град Суши, вториот по големина во Нагорно Карабах, бил освоен од азербејџанските сили. Извори од Азербејџан во текот на денот известија за заземање и на неколку други населени места.

Борбите, во кои се претпоставува дека досега загинаа илјадници луѓе, предизвикаа страв дека би можело да го зафатат поширокиот регион, со оглед на тоа што Турција отворено застана на страната на Азербејџан, а Русија ја поддржува Ерменија и во земјата има своја воена база.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.