Во петок, 25 февруари, во 19:30 часот, КСП Центар – Јадро има чест да Ве покани на отворањето на групната изложба „Колонија 8,  на  уметничкото здружение „Училница осум 8“

На изложбата своите дела ќе ги претстават: Симеон АрнаудовПредраг Јаневски –ДрашкоСоња Поповска-Трајковска, Евгенија Трајковска, Трајче Блажевски, Фехим Хусковиќ, Нела Јанковска, Гордана Николоска ПетроваЛадислав Цветковски,  Владимир ВеличковскиОзбег Ајваз и Вера Симовска.

 

Здружението на автори Училница осум 8 е формирано 2021 година.

Здружението брои десет членови со профилирана творечка индивидуалност кои на изложбата ќе се претстават со по две дела, скулптури, слики и графики. Станува збор за ликовни педагози кој се активни и на планот на ликовното творештво.

 

Во својот осврт кон делата вклучени во изложбата, критичарот и уметник Проф. Владимир Величковски истакнува:

Предраг Јаневски негува скулптура со тотемистички белези во која се испреплетуваат елементи од метал и дрво. Симеон Арнаудов е познат со скулптурите во мермер во кој пластичниот момент е споен со линеарниот благ ритам. Во оваа пригода тој се претставува со фигура на ракометарка (во полиестер) во момент кога се подготвува да ја фрли топката. Соња Поповска-Трајковска разновидно обработените елементи во теракота ги организира во вертикала со симболични монументализирани белези. Нела Јанковска со линеарните назабени облици на фигурата во метал, изразува немир и страв. Озбек Ефенди металните елементи ги поврзува во ритам кој стреми кон ширење во просторот. Гордана Петрова во бронза изработила реалистичен портрет со индивидуални црти. Фехим Хусковиќ е сликар на модерен пејзажизам еволуирајќи кон слободни колористички состави во кои го поврзува темпераментниот гест и урамнотежената организираност  на целината. Трајче Блажевски е цртач и графичар кој врз правоаголна основа суперпонира неколку површини со суптилно разиграни линеарни предзнаковни структури. Ладислав Цветковски во дигитален принт реализира линеарно обработена композиција со разновидни значења: мотив на очи со крстообразна форма и двосмислена сугестија на подотворена „усмина“. Евгенија Трајковска е стрип цртач која се представува со линорез и мотив на „Монструм“, гротескен лик поставен на кружна основа, еден вид на „црно сонце“. Авторот на текстот со своите темпери ја следи основната линија на своето сликарство: спонтано предадена колористичка експресија во која е содржан немир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.