Во конфликтот меѓу Русија и Украина сега нема ни разговори, сега зборува оружјето, но мора да се почне да се разговара и тоа ако го постигнеме како чекор, тоа ќе биде голем успех за нас, за нашата дипломатија и за Македонија, оценува поранешниот шеф на дипломатијата и претседател на 62. Генерално собрание на ОН академик Срѓан Керим.

Се разбира не е само до претседавачот. Претседавачот има можност да иницира. За нас како претседавач би било добро да нудиме варијанти на медијација и разговор. Секоја дипломатска активност па и оваа се мери со чекори. Ние не можеме ништо сензационално радикално да понудиме, но можеме да понудиме чекор по чекор, да се дојде до разговор. Сега нема ни разговори, сега зборува оружјето, но мора да се почне да се разговара и тоа ако го постигнеме како чекор тоа е голем успех за нас, за нашата дипломатија и за Македонија, а не да некој сега очекува дека Македонија како претседавач ќе понуди решение од кое сите ќе паѓаат во несвест, ниту пак да се оценува неправично нашето претседавање како неуспех затоа што ОБСЕ е во тотален хаос. ОБСЕ не може Господ, што би рекле нашите стари, да го реши, а не Македонија, вели Керим на прашањето што може Македонија да направи како претседавач со оваа најголема светска регионална безбедносна организација

Според него, добро е што од наша страна е формулирано прашањето дека се работи за луѓето, тоа е слоганот кој ние го понудивме бидејќи и во овој случај се работи пред се за луѓето, затоа што Русија и Украина се соседи и тие ќе мора да живеат едни до други.

Украина има право како и секоја земја да избира свој пат како држава во рамки на својот суверенитет и територијален интегритет. Конечно Европа мора во ваква една ситуација да сериозно размислува, да си ги преиспита и реши односите со Русија. Русија е наш сосед, над 80 милиони Руси живеат во географски европскиот дел на Русија. Според тоа, ние сме први соседи и европјани сите заедно, изјави Керим на новинарско прашање по промоцијата на неговата нова книга „Светот без граници“.

Тој на промоцијата посочи дека дипломатијата моментално гледана низ денешна призма, е во исклучителна тешка ситуација и немоќна. Како човек кој посветил на таа професија повеќе од половина на својот животен век, Керим порача дека е потребно и мора да ја вратиме дипломатијата на голема сцена, и тоа мултилатералната дипломатија.

Ако немаме доверба во себе и во својата креативна моќ тогаш добра ноќ. Но, не е време за добра ноќ, туку е време за непреспиени ноќи, за ангажирање на нашите мозоци, креативност, без оглед дали доаѓаме од големи и мали земји. Овие рушевини што ги доживува Украина, украинскиот народ речиси година дена, оваа војна на европска почва која беше незамислена пред 10, 15, 20 години, треба да ни биде голема опомена дека мора да ја вратиме дипломатијата на голема сцена, и тоа мултилатералната дипломатија. Затоа е и одговорноста на Македонија сега голема што претседава со ОБСЕ, затоа што мора да се најдат патишта да се врз рушевините на ова што сега го гледаме, отворат нови градилишта, а има многу градилишта кои треба да се отворат, вели Керим.

Тој при тоа, меѓу другото ги спомна трансатлантскиот сојуз меѓу Америка и Европа, односно ЕУ и огромната дискрепанца меѓу геополитичкото позиционирање и геоекономското позиционирање, и како да се продлабочи европската интеграција односно како да се позиционира ЕУ во денешниот променет свет кој на ништо не наликува на оној во 45-та година кога се формирани ОН, а кои вели ни самите ОН веќе не идат по чекор со времето, бидејќи, Советот за безбедност стана опсолентен и немоќен. Мора да се редефинираат и односите меѓу ЕУ, Европа и Русија.

На став е дека поради сериозните предизвици со кои е соочена ЕУ трпи и Западниот Балкан, а не само поради тоа дали сме бавни во реформите, дали првната држава се уште не функционира како што треба. Брисел, вели тој, треба да се позиционира и во однос на Русија и на Америка.

-Русија е наш сосед. Односите меѓу ЕУ и Европа и Русија мора да се дефинираат. Не можеме да бидеме противници, непријатели. Тоа никако не оди заедно. Нешто од тоа мора да се случи. И затоа треба да се седне серозно да се размислува да се преговара дали тоа ќе биде во рамките на ОБСЕ, дали во некои други трети. Тоа се отворени прашања. Но тие прашања се поставуваат, смета Керим.

Тој уверува дека вреди да се преговара, да се реформираат меѓународните организации, вклучувајќи ги тука и ОН, оти една минута на мир повеќе вреди од сто години војување и тоа бескрајно.

Во воведот за својата книга Керим вели дека им е посветена на сите хуманисти и на луѓето што се чувствуваат граѓани на светот.

-Да се биде граѓанин на светот, а така и јас лично се чувствувам, не е никаква привилегија. Напротив, тоа е величенствено чувство дека ѝ припаѓаш на нашата планета. На олицетворението на совршенството. Таа припадност се претвора во чувство на „одговорност за целината“, а не само за „своето“. Тоа воедно е и влог и верба во иднината во која постапно, но сигурно, ќе надвладее универзалната свест. Затоа што Универзумот е нашата смисла на животот, смислата на нашето постоење и вечна енигма што нè мотивира да се откриваме себеси, другите и целото наше опкружување, ќе рече Керим.

На промоцијата на „Свет без граници“ се обратија професорите и поранешни амбасадори Васко, Наумовски, Звонимир Јанкуловски и Ивица Боцевски во улога на модератор, а беа прочитани и поздравни писма некогашниот сојузен министер за надворешни работи Будимир Лончар и од актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.