Веќе од 1 мај, Грција повеќе нема да им бара на патниците да покажат доказ за вакцинација, негативен ковид тест или доказ дека се опоравиле од болеста за да влезат во земјата, објави порталот „travelandleisure“.

Релаксираните мерки ќе важат и за македонските граѓани кои во Грција влегуваат преку граничните премини на грчка страна Евзони, Дорјани, Ники и Кристалопиги. Грција ќе укине многу преостанати протоколи поврзани со Ковид-19 следната недела, со што ќе биде уште една земја којашто планира да се врати на предпандемискиот живот.

Грција, која повторно ги отвори границите за туризам во мај 2021 година, моментално ги пречекува патниците од САД, но бара од нив да покажат доказ за вакцинација, за прележаност или негативен ПЦР или брз антигенски тест.

Во моментов, маските за лице мора да се носат и во затворени простории, но министерот за здравство Танос Плеврис најави дека, почнувајќи од јуни, ни тие повеќе нема да бидат задолжителни, со некои исклучоци.

Според епидемиолошките податоци и сугестиите на експертите, го објавуваме патоказот за деескалација на мерките против пандемијата Ковид-19. Сите мерки ќе бидат разгледани на 1 септември, во зависност од сликата на пандемијата – порача Плеврис во изјавата на почетокот на месецов.

Одлуката за откажување на правилата за патување доаѓа повеќе од еден месец откако Грција ја елиминира потребата да се пополни формулар за лоцирање на патници пред да допатуваат во земјата.

Грција сега им се придружува на неколку други европски земји во олеснувањето на ограничувањата поврзани со пандемијата, вклучително Холандија и Франција, кои ги укинаа тестирањата пред пристигнување за вакцинираните посетители, како и некои земји кои направија чекор понатаму, отфрлајќи ги правилата поврзани со Ковид-19, како Обединетото Кралство, Ирска и Исланд.

Слично на тоа, Швајцарија ќе ги укине ограничувањата за влез на 2 мај, враќајќи се на „вообичаените правила за влез во Швајцарија“, соопшти владата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.