По шпекулациите во јавноста дека поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев, би можел да го замени Зоран Заев на лидерската позиција во партијата, Георгиев се огласи на својот Фејсбук профил.

Мислев ќе стивне, како што стивнувало и претходно, но сега веќе имам должност да ги затворам сите шпекулации, инсинуации, евентуални желби и потреби кои доаѓаат од разни агли на општеството во врска со мој претпоставен ангажман (или желба) за вклучување во активна политика или на некакво раководно место во СДСМ.

 

Изминатите 7-8 години или барем откако СДСМ е на власт, јас немам никакво учество, активитет или улога во партијата. За волја на вистината, ниту некој побарал суштински совет од мене, ниту пак биле прифаќани моите јавно искажани, и секојпат добронамерни, совети и предлози за подобро функционирање на државата. Сиве овие години, моите ставови за општествените текови јавно ги искажувам преку моите колумни, писанија, јавни настапи и проекти коишто ги работам. За некои ставови сум бил жестоко критикуван, за некои тивко поддржуван.

 

Така и во иднина, мојата активност и порив за подобро и праведно општество, за до-освојување на слободата и за враќање на изгубените или никогаш стекнатите вредности ќе се одвива во овие рамки. Се разбира, рамките се стеснуваат или шират во зависност од општествените и политички околности…

 

Сепак, како човек од крв и месо, одржувам пријателски односи и имам емоција и почит кон голем број членови, симпатизери и поддржувачи на СДСМ со кои во еден исклучително тежок период за Македонија сме се бореле за демократија и слобода – пишува Георгиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.