Неколку функционери кои во живо го гледаа натпреварот Македонија – Данска од трибините во салата „Борис Трајковски“, ќе мора да платат казна од по 500 евра.

МВР утврди дека директорот на зоолошката градина, Ѓорги Галетановски, директорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Филип Андов, пратеникот Дарко Каевски и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, ги прекршиле мерките за заштита од коронавирус, со групирање во група поголема од четири лица.

Лицата беа повикани во полициска станица, исто како и организаторот на мечот. Бидејќи е утврдено дека истите лица се групирале во група повеќе од четири лица, ќе им биде издаден платен налог од 500 евра во денарска противвредност по Законот за заштита на населението од заразни болести, соопштиле од МВР за „А1он“.

Засега одговорност не е утврдена кај Ракометната федерација на Македонија. Оттаму велеа дека сега казнетите функционери не биле поканети од нивна страна, иако гостите тврдеа дека влегле во салата бидејќи ги имало на списоците на РФМ, која беше организатор на мечот меѓу Македонија и Данска. Според протоколите, забранета е публика, односно гости на трибините, а во салата може да има само персонал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.