Млади од селата Иловица и Штука и граѓански активисти против отворање на рудник на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ денеска со протестен марш во општинскиот центар Босилово побараа од Владата да не дозволи негово отворање.

Под мотото „Глас за чиста животна средина, глас за здрава иднина и глас против рудниците на смртта“ ги повикаа политичарите да донесат одлука која ја ветиле и во интерес на граѓаните.

Јавно ги повикуваме како централните, така и локалните власти да ни го решат проблемот. Упатуваме порака, пред се од млади луѓе револтирани од негрижата на властите за нашата иднина јавно ги повикуваме еднаш засекогаш да го решат ова прашање, водејќи се од гласот на младите кои велат:„Не за рудници!“, бидејќи младите се тие кои ќе ги трпат последиците од отворањето на овој рудник, рече Мики Крстев, жител на селото Штука.

Од импровизираната бина на камион зборува и други млади од селата Иловица и Штука, а пред присутните се обратија и Иљо Малинов од село Штука и Ангел Наков од организацијата „Спас за Гевгелија“. И тие побараа владата да не дозволи отворање на рудник и како што кажаа мисија на премиерот и владата е да кажат стоп за овој рудник.

Во протестниот марш учествуваа и градоначалникот на општина Босилово, Зоран Зимбаков, в.д. градоначалникот на Ново Село, Горан Цветков и пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.