Инфлацијата во Македонија е зголемена како резултат на зголемувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата, која владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев, веднаш после изборите од 15-ти јули минатата година, ја покачи за 7,4 проценти, вели Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, истакна дека во споредба со земјите од ЕУ, како Германија каде што исто така има зголемена стапка на инфлација, но таму веќе има заживување на економијата, што не е случај кај нас.

„Состојбата во Германија каде што има инфлација е многу поразлична од кај нас, таму инфлацијата е како резултат на зголемувањето на побарувачката, а од друга страна таму има заживување на економија, што не е случај и кај нас. Ние имаме инфлација како резултат на увозните цени и како резултат на зголемувањето на цената на електричната енергија, рече Димитриеска Кочоска.

Таа истакна дека затоа и ВМРО-ДПМНЕ првите протести кои што ги организираше после минатогодишните избори, беа токму поради покачувањето на цената на електричната енергија затоа што знаевме дека тоа, само по себе ќе го повлече ланецот на покачување на цената и на производите.

„И меѓународните релевантни институции потврдуваат дека во Македонија има највисока стапка на инфлација токму поради зголемувањето на цената на електричната енергија“, истакна Димитриеска Кочоска.

Таа додаде дека ако се усвои новото покачување на цената на струјата кое во моментот се бара, во најмала рака ќе мора да се намали ДДВ-то, со единствена цел зголемувањето на цената да не удри директно во џебот на граѓаните, односно крајните потрошувачи да не плаќаат повисоки сметки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.