Македонските земјоделци имаат низа забелешки за законот за масовна продажба на државно земјоделско земјиште по багателни цени од 0,5 до едно евро за квадрат.

Стравуваат дека државата ќе го дотепа и онака осиромашениот земјоделец, особено оној кој нема своја земја. БараатВладата да ги прифати нивните предлози, а не да си тера по свое.

Нашиот предлог е да одиме со она што не отидовме со приватизацијата на фирмите. А, тоа е да го приватизираме земјоделското земјиште на начин што сите граѓани на Македонија ќе добијат, можеме да одиме со ваучери како што беше приватизацијата во Словенија и Чешка или во Словачка. Меѓутоа таа земја е на сите нас, наша е оваа земја и треба сите ние да добиеме од таа земја. Само на таков начин ако сите добиеме од таа земја ќе можеме да влеземе заедно во средна класа. Вака 80 отсто од луѓето се во сиромаштија – вели за „Алфа“ еден од земјоделците.

Нацрт законот предвидува идниот инвеститор по 10 години стопанисување на земјиштето да може да го претвори во градежно. Министерот за земјоделство Аријанит Хоџа уверува дека земјоделците не треба да се плашат од такво нешто, но не гарантира дека тоа нема да се случи.

Барем во наредните години тоа земјоделско земјиште нема шанси да се пренамени. А, во постоечкиот закон може и утре општината да побара да се пренамени земјоделското земјиште. Ние немаме никаква моќ како Министерство за земјоделие тоа да го спречиме – вели Хоџа.

Според Агенцијата за катастар на недвижности, околу 577.000 хектари во земјава се класифицирани како обработливо земјиште. Од нив, околу 240.000 или 41 процент се во државна сопственост и управувани од Министерството за земјоделство.Изминатите 20 години во функција се ставени околу 130.000 хектари од вкупно расположивите 240.000. Необработени и запуштени се преку 100.000 хектари.

Во земјава има повеќе од 50 илјади хектари државно земјоделско земјиште кое треба да биде ставено на продажба по ниски цени и кое дури ќе може да биде пренаменето во градежно, или да се дава под концесија за експлоатација на минерални суровини, или за геолошки истражувања. Според експертите, ова би можело да биде погубно за една земјоделска држава како што е Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.