Секое патување со сопствено возило надвор од земјава подразбира потреба од вадење зелен картон. А овој трошок и не е така мал, посебно доколку ви се поклопи со одењето на одмор. Ако на тоа се накалеми и трошокот за вадење меѓународна возачка дозвола, е тогаш веќе сето тоа добива прилична финансиска тежина. Вадењето зелен картон, е рак рана за нашите возачи, со оглед на тоа дека цените за неговото вадење почнуваат од околу 50 евра за помалите кубикажи, па до околу 90 тина евра за помоќните возила за една година. За зелен картон од еден месец треба да се издвои од 30 до 50 евра. Комбињата, автобусите се разбира плаќаат многу поскапи зелени картони. Важност на годишната зелена карта е во рамките на времетраењето на полисата за автомобилска одговорност, односно истекува со регистрацијата.
Она што најмногу боли е фактот дека возачите од другите земји добиваат годишен зелен картон по цена која се движи околу 10 евра, со тоа што тој е споен со автоосигурувањето и се добива при самата регистрација на возилото. Токму затоа возачите од другите земји се фрустираат што за транзит низ Македонија принудени се да извадат зелен картон само за територијата на нашата држава, но правилата се тие, па кој сака нека повели!
Иако долго време се најавуваше дека оваа варијанта ќе се воведе и кај нас, сепак не дојде до конечна реализација, бидејќи, според одговорните, тоа ќе го поскапеше основното автоосигурување, а со тоа и регистрацијата на возилата за сите граѓани, а не само за тие што патуваат во странство, па доброволниот поскап зелен картон, испаѓа дека е помалото зло.
Инаку македонските осигурителни компании секоја година бележат раст на побарувачката на зелени осигурителни картони, што во превод значи дека граѓаните надвор од државава патуваат се повеќе со свои возила, па согласно тоа и плаќаат зелен картон. Овој документ се издава врз основа на полисата за осигурување од автомобилска одговорност и е замена за полисата за осигурување од автомобилска одговорност издадена за матичната земја со важност за сите земји- членки наведени во полисата. Зелениот картон е еден вид проширување на важноста на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и ги покриваат евентуалните штети кои ќе се причинат на трети лица со управување на моторните возила при патување во странство односно во земјите членки на системот на зелена карта.
На 9 октомври 2024 година, заедничкиот комитет на ЦЕФТА усвои препорака (1/2024), која на земјите од ЦЕФТА им предлага мерки за олеснување на процесите за осигурување од автоодговорност на трети лица во рамки на пазарот на ЦЕФТА. Тоа подразбира возачите од една земја на ЦЕФТА да патуваат во друга земја без да имаат потреба од зелена карта или еквивалентна документација за осигурување, како и намалување на административната такса за зелен картон и дигитализација на документите за осигурување на возилата. Рокот за ова е октомври 2026 година.
До октомври 2025 година треба да се намалат административните такси за добивање зелена карта и да се овозможи признавање на осигурувањето од автоодговорност за трети лица (MTPL) врз основа на регистрациските таблици на возилата издадени од земјите кои се членки на мултилатералниот договор. Дополнително, заедничкиот комитет на ЦЕФТА ги повикува земјите целосно да ги дигитализираат осигурителните документи и да овозможат нивна електронска размена. Оваа дигитална транзиција има за цел да ја елиминира потребата од физички осигурителни документи при патување во рамките на ЦЕФТА – информираа од ЦЕФТА.
Според оваа асоцијација овие активности се засноваат на Акцискиот план за воспоставување заеднички регионален пазар и приоритети на претседателството на ЦЕФТА за 2024 година.
Од Владата на Македонија обелоденија дека е добиен нацрт-патоказ којшто е изготвен во рамки на Централно-европскиот договор за слободна трговија, кој е во насока на олеснување на движењето на луѓето и на моторните возила во рамки на земјите членки на ЦЕФТА и се работи на нив. Процесот е сложен и додаваат дека треба да се оди постепено, но дека самата иницијатива ќе се разгледа, а за исходот граѓаните ќе бидат навреме известени.
И додека Владата ја разгледува иницијативата за олеснување на патувањето со зелен картон, од Нациналното биро за осигурување ги потонаа како Титаник надевањата на нашите возачи дека е возможно укинување на овој трошок.
Зелениот картон уште е неопходен документ за влез со моторни возила во било која држава во Европа, како и во соседните Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Молдавија. Тој е во функција и е неизвесно кога и дали воопшто ќе има промени околу неговото користење, соопштија од НБО.
Од Бирото велат дека прашањето за спојување на зелениот картон и вклучување на премијата од зелениот картон во полисата за осигурување од автомобилска одговорност е доста комплексно и сериозно прашање кое подлежи на меѓународна и домашна регулатива.
Тоа не е нешто што може да се промени преку ноќ, и затоа не треба да се шпекулира, и корисниците да се доведуваат во заблуда – велат од Националното биро за осигурување.
Оттаму истакнуваат дека тoa e комплексно прашање кое што не може да се регулира поединечно, туку кога се регулира тоа мора да биде генерално.
Оттаму појаснуваат дека во ЦЕФТА Секретарјатот е отворено прашањето за некакви промени околу зелениот картон, но станува збор само за еднострано мислење и видување на начинот и потребата од користење односно не користење на зелениот картон како документ за влез со моторни возила во државите од ЦЕФТА.
Од Бирото сметаат дека е непрактична идејата за укинување на зелениот картон само за државите од ЦЕФТА, бидејќи граѓаните ќе користат зелен картон за влез во било која друга држава членка на ЕУ и потписнички на Мултилатералната спогодба одобрена од Советот на бироа-Брисел.Во овој момент не треба да се создава забуна кај сопствениците на моторни возила и да се шпекулира. Зелениот картон е во функција и тој е потребен – велат од Националното биро за осигурување.
Согласно ваквите ставови останува заклучокот дека македонските возачи уште долго време ќе си плаќаат зелен картон како услов за излез од земјава и дека негово поевтинување или укинување, барем засега, не е можно.
Значи кој сака да патува во странство, трк по зелен картон, ако досега не го набавил и среќен пат!
Автор: Александрија С. Николовска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.