Неможноста за електронска наплата на Коридорот 8 кој води до најпознатиот туристички центар во Македонија, Охрид, е причина што на српските државјани не им е овозможена бесплатна патарина во тој правец, е објаснувањето кое за „Слободен печат“ денеска го дадоа од Јавното претпријатие за државни патишта.

Свесни сме дека ослободувањето од плаќање патарина кон Грција, а не и кон Охрид предизвика голема реакција во јавноста, но нема потреба да се креираат невистини околу одлуката. Објаснувањето е едноставно. Електронска наплата е воведена само на Коридорот 10 кој води кон Грција, а тоа е единствен начин да се регистрира влез на возилото со електронските картички кои ќе бидат доделени на српските државјани. Коридорот 8 кој води кон Охрид се уште не е модернизиран, односно наплатата со електронска картичка е оневозможена. Тоа е причината што српските државјани не се ослободени од плаќање на патарина доколку патуваат во Охрид или Струга – објаснуваат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Оттаму додаваат дека иницијативата потекнува од Владата и дека изработката на картички е единствен начин регуларно и законски да се спроведе акцијата.

Ние како Јавно претпријатие за државни патишта имаме законска обврска да наплатуваме патарина. Не можеме само да ги кренеме наплатните рамки како што се зборува во јавноста. Има одредена катeгорија на граѓани за кои важи тоа, како на пример полиција и војска, но апсолутно не смееме да пропуштаме цивилни лица без „покритие“. Некој мора да плати за тоа, а плаќањето е регулирано преку картичките, само така ние законски ќе се покриеме – велат од претпријатието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.