Државата да каже дали предвидува поддршка за угостителите. Ако не, тие навреме да бараат помош преку други мерки, за да не останат без никаков приход, апелира денеска Групацијата за угостителство при Сојузот на стопански комори.

Групацијата предупреди дека угостителите не можат сами да го издржат економскиот удар од коронавирусот и дека најверојатно голем дел од вработените ќе бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31 март. Со тоа, директно ќе биде доведена во прашање егзистенцијата на 29.000 луѓе колку што се вработени во оваа гранка, а дополнително проблемите ќе ги почувствуваат и нивните семејства

Мерките кои се веќе предложени, не ги решаваат нивните проблеми и не само што нема да им помогнат да ги надминат финансиските проблеми, туку и дополнително ќе ги задолжат. Според Мартин Ангеловски од Групацијата, предложениот пакет мерки ќе стапи во сила од април, а угостителите веќе преку половина месец се без приходи.

Угостителите предлагаат конкретни решенија: субвенционирање на минимална бруто плата за вработените додека траат превентивните мерки, одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните шест месеци, замрзнување и репрограм на обврските по кредити и камати како и други доспеани обврски кон банките до завршување на кризата, да профункционира итно и без одложување отворањето на кредитните линии со субвенционирана камата, да не се применува Законот за финансиска дисциплина во наредните три до пет месеци, да има одложено плаќање на сите режиски трошоци до завршување на пандемијата, да нема исклучувања поради неплаќање вода, струја и други основни услуги, како и да не се наплаќа персонален данок и ДДВ за кириите.

Малите и средните претпријатија до 50 вработени, семејните компании и претприемачите се најпогодени од новите состојби предизвикани од Ковид-19. Субјектите со претежна дејност угостителство ставија клуч на врата по донесената уредба од Владата за затворање како резултат на опасноста од ширење на вирусната инфекција. Здравјето на граѓаните е најважно, но не смее да се дозволи да пропадне оваа дејност и луѓето вработени во овој сектор сред здравствена криза да останат без никаков приход за да се прехранат – истакна Ангеловски.

Секој изминат ден, дополни тој, е трошок кој угостителите не можат да си го дозволат од сопствени извори на финансирање.

Овие субјекти се микро и мали, а поради Уредбата имаме нула приходи во дејноста, па не можеме да ги покриеме трошоците. Повеќето од нас користат кредити од комерцијалните банки за кои се уште нема одлука за мораториум како во другите држави. Би биле презадоволни доколку за нашата дејнот може да се изнајде начин да се донесат конкретни мерки кои ќе нѐ одржат во живот – рече Ангеловски на прес-конференција.

Тој напомена и дека сите здруженија на угостители низ градовите во земјава се во иста позиција. Покрај заканата од коронавирусот, тие се под дирекна закана и во борба за зачувување на работните места, како за да не пропаднат овие мали претпријатија.

Консултиравме повеќе од 1.000 угостителски објекти зашто не сме во можност да ја издржиме состојбава без адекватни мерки на Владата и банките. Целта на мерките за помош што ги предлагаме не е за спас на изгубени добивки, туку да се успее да се преживее оваа агонија на неизвесност и на штети настанати од оваа светска пандемија, која секој ден се повеќе врши притисок да се затворат овие деловни субјекти и да останеме без работа – истакна Ангеловски.

Според него, веќе 10 дена се најавува поддршка, но нема ништо конкретно, ни каде да се јават, ни како да поднесуваат апликации за помош.

Предложениот пакет мерки ќе стапи во сила од април, а ние веќе повеќе од половина месец сме без никакви приходи. Ова немаше да е проблем да се преброди кризата ако заврши утре или ако знаеме што ќе се случува и во кој рок. Ние моментно имаме проблем со платата за март, бидејќи нема никакви приходи, ни останаа залихи, задолжени сме со кредити, а не знаеме како мислат надлежните да се најдат средства да се платат придонесите за април и за мај. Имаме големо разбирање за моменталната состојба и сме подготвени да помогнеме во рамки на нашите можности, како на пример со залихи со храна и обезбедување оброци за лицата што се во изолација, за полициските пунктови кои ќе бидат неопходни за спроведување на полицискиот час и секаде каде ќе има потреба. Се што е во наша можност, ставаме на располагање за доброто на сите. Доколку нема предвидена помош со која ќе можеме да се одржиме, потребно е веднаш да ни биде соопштена таа одлука, за да може вработените кои ќе бидат одјавени и ќе останат без работа заклучно со 31.03, да аплицираат навремено за други мерки за помош за да не останат без никаков приход. За оние што ќе опстојат кога ке помине кризата, кога ќе се отворат услови за рестартирање солидарно сите повторно ќе бидат пријавени на работа – рече Ангеловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.