Премиерот Зоран Заев, по повод изградбата на системот за наводнување за вкупна површина од 2.150 хектари на територијата на Општина Валандово, а ги опфаќа населените места Удово, Јосифово, Калково и Пирава изјави дека во предвидениот рок е реализирана втората фаза на „Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар“, што за земјоделците значи намалување на трошоците за производство и предуслов за осовременување на агро-секторот.

Заев додаде дека станува збор за модерен систем за водоснабдување во земјоделството, кој е од витално значење за овој крај.

Модерно, конкурентно, извозно ориентирано земјоделство е еден од нашите приоритети. Даваме силна поддршка за земјоделството и затоа од голема важност е да се користат сите повици и програми на Владата кои се вистинска можност за осовременување на земјоделското производство. Заеднички ќе направиме сѐ за да ги искористиме максимално средствата наменети за агро-секторот и руралниот развој. Имаме ресурси. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и Платежната агенција се ставени во систем за информациите да допрат до земјоделците и да се искористат достапните средства и знаење. Заедничка цел ни е развој на македонскиот аграр и поголем рурален развој во земјата, а со тоа и на севкупната економија – изјави Заев.

Вицепремиерот Љупчо Николовски изјави дека севкупната инвестиција е над 24 милиони евра, и заедно со првата фаза од проектот, се комплетира оваа успешна инвестиција, што е од исклучително значење за валандовско-гевгелискиот регион.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа изјави дека без вода, нема конкурентно земјоделско производство.

Министерството ќе продолжи да се залага за изградба на нови системи за наводнување. Во Инвестицискиот план за управување со водите и инфраструктурата за наводнување, предвиден е буџет за рехабилитација и модернизација на постоечката инфраструктура за наводнување, како и поправка на мали брани и резервоари. Изработени се основни проекти за мали системи кои треба да се градат во иднина и за кои е обезбедено финансирање – изјави Хоџа.

Градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов истакна дека завршена е најголемата инвестиција од постоењето на Општината и реализиран е проект од суштествено значење за општинскиот развој и перспектива.

Заменик-амбасадорот на Германија во земјава, Ото Граф, го изрази задоволството од завршената инвестиција – системот за наводнување, од застарен отворен канал до модерен и целосно автоматизиран систем за поефикасна употреба на вода, но и на енергија.

Најважно е дека со оваа инвестиција земјоделците како крајни корисници ќе имаат сигурна вода за наводнување за своите полиња, а со тоа и многу подобра перспектива за планирање на нивното производство како и подобри услови за работа – изјави заменик-амбасадорот Граф.

Средствата за успешна реализација на проектот се обезбедени 30% од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и 70% во договор со Владата на Сојузна Република Германија, застапувана од Германската Развојна Банка (KfW), во форма на грант и на заем под поволни услови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.