Идната година официјално ќе започне проектот за изградба на гасовод со Грција, најави премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил на кој ги набројува стратешките проекти што е планирано да се реализираат годинава.

Во енергетиката навистина имаме што да кажеме и имаме аргументи зошто сме лидер во регионот по ова прашање, пишува Заев во фејсбук-статусот.

Нагласува дека гасоводот со Грција е клучен проект за енергетско – економски развој на земјава. Инвестицијата за интерконекторот со Грција e проценета на 50 милиони евра, од кои 10 милиони се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан. Во фаза на проектирање е и гасоводна врска со Косово.

Во делот на гасификацијата, посочува дека годинава ќе почне и изградбата на секундарната гасоводна мрежа во 10 градови во земјава, како и втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградбата на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини. Во трка се двете турски компании АКСА и ПАЛЕТ ИНСААТ, а инвестицијата е проценета на околу 300 милиони евра.

Продолжува и изградбата на магистралните гасоводи така што следната година треба да заврши кракот до Битола и до Тетово и Гостивар.

Меѓу проектите што ќе ја одбележат годинава, Заев ги споменува и двете фотоволтаични електрани од по 50 MW со проценета инвестиција е околу 60 милиони евра, како и можноста за изградба на гасна електрана на ТЕЦ Неготино доколку физибилити студијата покаже оправданост за вакво нешто. Во првиот квартал од годинава се најавува и нов тендер за дополнителни 60 MW фотонапонски електрани, инвестиција над 35 милиони евра. Во текот на годинава треба да започне и изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2 со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13.8 MW. Започнува и реализацијата и на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца.

Во однос на „Чебрен“, премиерот вели дека конечно по 11 обиди на претходната власт, на тендерот се пристигнати повеќе понуди од кои 10 од големи компании од Европа и Кина.

Сега продолжува следната фаза за проектот вреден меѓу 600 и 800 милиони евра и тоа само по себе ја покажува сериозната намера за успех, напиша Заев на „Фејсбук“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.