Економијата тоне се подлабоко и подлабоко. ММФ и премиерот Зоран Заев со различни прогнози. Заев најавува пад на економијата од 4,4 проценти, наспроти прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд, кои предвидуваат намалување на бруто домашниот производ на земјата за оваа година од 5,4 отсто.

ММФ во април годинава предвидуваше пад на македонскиот БДП за 2020 од 4 проценти. Сега ММФ ја ревидира прогнозата за падот на глобалната економија за 2020 година како резултат на последиците од пандемијата на Ковид-19. Во најновата прогноза македонската економија оваа година ќе забележи пад од 5,4 отсто како резултат на последиците од пандемијата од Ковид-19.

Но, Заев има сосема поинакви очекувања и математики. Тој вели дека Владата ги следи сите параметри во делот на БДП, на задолжувањето, во делот на приходите на државата и севкупните движења и тенденции, и дека нејзините очекувања се пад на економијата од 4,4 проценти, наспроти прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд ММФ.

Коментирајќи ја октомвриската прогоза на ММФ, Заев рече дека првичните превидувања на Владата биле за пад на БДП до пет проценти, но сега се намалени на 4,4 отсто, заради тоа што се очекува антикризните мерки да го покријат тој пад од 0,6 процентни поени.

Затоа пуштивме пари, затоа е четвртиот пакет на мерки и верувам дека ќе успееме во тоа. ММФ сега на квартално ги дава своите анализи и очекуваме да прават и нови проценки. Верувам дека ние имаме порелевантни податоци, ги следиме приходите на државата и производството. Верувам, според она што го следам, дека ќе бидеме една од државите со најмал негативен импакт, ако не и со најмал негативен импакт од корона кризата во регионот. Секогаш се бориме да се споредиме во успешноста во политиките и верувам дека ќе успееме – рече Заев одговарајќи на новинарски прашања на отворањето на новиот производствен капацитет на „НЈСК Холдинг”, во индустриската зона „Ќојлија”.

Во најновиот извештај, на ММФ пак, се предвидува стапката на инфлација во земјава во 2020 година да изнесува 0,9 отсто, а догодина да достигне 1,3 проценти. Од друга страна се проценува дека буџетскиот дефицит оваа година ќе достигне ниво од 4,7 отсто од БДП, а следната година од 3,8 проценти. Лани нивото на буџетски дефицит изнесуваше 2,8 отсто од БДП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.