Ги поканивме членките на ЕУ, соседи на земјите од Западен Балкан да ги отворат зелените коридори, како прв чекор за сите земји од регионот. Грција е таа која прва се јави и веќе на тоа работи администрацијата, информира денска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.

Според него, со ова Грција треба да ги охрабри и Бугарија, Романија, Унгарија, Австрија, Словенија, Хрватска, Италија, како земји соседи на Западен Балкан, да можеме да се отворат такви зелени коридори во регионот.

Тој оцени дека граѓаните гледаат оти нешатата се менуваат и дека со овие програми, како „Отворен Балкан“, коишто создаваат можности за сите, всушност се движиме напред.

– Тоа на крајот е и европскиот пат, да ги отовориме границите, се надеваме еден ден и како членки на ЕУ преку шенгенските критериуми и нивното исполнување и да дочекаме буквално отворен европски контитент, во кој Македонија и земјите од Западен Балкан ќе бидат секако членки на ЕУ, нагласи Заев.

Премиерот посочи дека веќе се промовира и туризмот во нашата земја и во регионот.

– Рекламите и попустите резултираат со тоа што нашите граѓани си ги посетуваат земјите и се надеваме дека тоа ќе го гледаме повеќе во иднина. Впрочем во нашата земја најголем број на туристи се од соседните земји и сакаме тоа да расте. Затоа втора иницијатива на којашто сме посветени е да организираме систем во којшто сите хотели и ресторани ќе дадат попуст на граѓаните од Македонија, Србија и од Албанија, по пет, 10, 15 отсто. Сега нашите хотелиери дадоа 20 проценти за српските граѓани за оваа сезона за да можат граѓаните да го почувствуваат бенефитот и придобивките од зајакнатата соработка меѓу земјите во регионот, наведе Заев.

Претседателот на Владата посочи дека првпат ќе се формира и Фонд за Западен Балкан, каде што согласно својот БДП, секоја земја ќе определи одредена сума, со што ќе им овозможиме на граѓаните од сите области да конкурираат за тие средства.

– Пример, сакаме да ги пуштиме децата од Македонија, Србија и Албанија во туристичките комплекси во Струга, Охрид, Преспа, Маврово, Берово, Дојран, но и на Копаоник, Златибор, во Нови Сад, Драч, Саранда, насекаде, затоа што ем ќе ги помогнеме хотелите, ем младите луѓе за седум или десет дена дружење ќе создадат трајни пријателства коишто остануваат до крајот на животот, посочи Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.