Еколошката такса е наш одговор за грижата за животната средина и на повикот на граѓаните да преземеме мерки во однос на ова важно прашање, и затоа сите пари прибрани од оваа такса ќе одат во Еколошкиот фонд кој ќе ја помогне праведната транзиција од фосилните кон енергенсите од обновливи извори на енергија – истакна претседателот на Владата Зоран Заев во интервју за ТВ Телма.

Премиерот Заев објасни дека граѓаните и стопанствениците не треба да бидат загрижени дека оваа мерка ќе ги зголеми цените на моторните горива.

Оваа мерка никој не би ја донел во време на изборна година и треба граѓаните да знаат дека влијанието на оваа мерка нема да биде поголема од 0,07%. Со падот на цената на нафтата на светските берзи се анулира висината на акцизата од 3 денари која ја воведовме заради ублажување на последиците од КОВИД-19 и со тоа навистина не се очекува поголемо влијание на цената заради еколошката такса – елаборираше Заев.

Тој додаде дека и со новата вредност на еколошката такса за нафтените деривати, Македонија и понатаму има најниска такса за доследна примена на начелото „загадувачот плаќа“ и за прибирање на потребните средства за преземање на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.