Ја поддржувам Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да биде сервис на граѓаните, а не на компаниите. Цената на нафтата и на бензинот е најниска во регионот и тоа така и ќе продолжи, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Просечната маржа на трговците со нафта и нафтени деривати во текот на минатата година е 6,7 денари по литар, а имаше и периоди кога земаа по 10. Затоа ми е драго што Регулаторната комисија за енергетика се обидува да ги ограничи маржите на 4,7 денари. Дури сега сфатив зошто ми реагираат трговците. Убеден сум дека сѐ што прави РКЕ е од корист на граѓаните, рече Заев во одговор на пратеничко прашање на денешната седница на Собранието.

Со донесената одлука за зголемувањето на акцизата за нафтата за три денари, истакна, Владата обезбеди 30 милиони евра во Буџетот кои, како што кажа, транспарентно се пренасочени кон најсиромашните граѓани.

Донесовме одлука за зголемување на акцизата за нафтата за три денари заради тоа што мислиме дека на  кој било начин ќе избегнеме шверц и манипулации околу регионалната продажба, а покрај тоа ќе решиме проблеми за кои нема да земаме кредит и ќе останеме со најниска цена во регионот. Тоа го направивме на најтранспарентен начин и веднаш кажавме каде ќе одат парите, рече Заев и додаде дека сите тие пари се враќаат назад кон граѓаните и тоа најмногу кон најсиромашните.

Потсети дека Владата пред десетина дена донесе одлука со која се откажа од 3,7 милиони евра во Буџетот со намалувањето на ДДВ-то за топлинска енергија од 18 на пет отсто. Тоа, додаде, ќе се види во ребалансот на Буџетот. Истовремено, потенцира, донесовме одлука да се намали од 18 на пет отсто и ДДВ-то за природниот гас.

Тоа се конкретни мерки кои се рефлектираат во Буџетот, но можеме да го направиме тоа, бидејќи Буџетот е стабилен, прецизира Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.