Луѓето од Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина во просек чекаат над една година за да се пријават за работна виза во Германија согласно „правилата за земјите од Западен Балкан“. Тоа се наведува во одговорот од Сојузната германска Влада на барањето на партијата Левица во Бундестаг.

Како што пренесува германската агенција ДПА, причина за толку долго чекање е преоптовареноста на германските амбасади и конзулати. Министерството за надворешни работи испратило дополнителен персонал, но заинтересираноста е многу голема, па тоа не е доволно.

Портпаролката на Левица Ула Јелпке вели дека поради „нечуениот“ долг процес за издавање визи „ниту работниците ниту претприемачите не можат сериозно да планираат“.

За време на бегалската криза, кон крајот на 2015 година, германската Влада направи посебен, привремен план, кој важи до крајот на 2020 година, а кој отвора можност за добивање работни визи и за нискоквалификувани работници од овие држави. Предуслов е доказ за обезбедена соодветна платена работа во германска фирма. Целта на овој привремен план е да се спречат луѓето од Западен Балкан да поднесуваат неосновани барања за азил.

Засега нема план за продолжување на тие привремени мерки за работниците од Западен Балкан.

Според Сојузната Влада, Сојузната агенција за вработување во 2018 година при проверка кај работодавачите утврдила дека во 17 отсто од случаите – немало воопшто вработување, а во 1.250 од над 17.000 случаи или платите биле пониски или работното време и конкретната работа биле поинакви од она што било наведено во барањето за работна виза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.