Како ги оценуваат економските мерки на ВМРО ДПМНЕ, консултиравме и бизнисмени. За нив позитивни се мерките за намалување на рамниот данок и мерката за нула персонален данок за млади до 29 години што ќе значи ослободување од персонален данок за вработување на млади до 29 години кои имаат годишен нето-приход до шест и пол илјади евра.
Вака конципираната мерка значи дека тоа е околу 550 евра месечно нето-плата, што за млади е прилично добра работа. Така што, тие две мерки се добри и позитивни, бидејќи ако нема персоналец, тоа значи секоја фирма ќе е ослободена од тој товар, а тоа нема да биде фирма што е во ТИРЗ-овите на пример, велат бизнисмените.
Добра според нив е и мерката за изградба на мрежа на извозни промотори за домашните извозни компании и промотори за привлекување на странски директни инвестиции.
Тоа значи процесот на промоција да се врати како порано. Ако како држава сме присутни во промоција на можностите за инвестирање, тоа е позитивно бидејќи најголем дел од компаниите кои се дојдени во последниот период или дошле заради претходните контакти кои ги оствариле промоторите или дошле врз основа на нивна анализа на регионот. Значи да се продолжи процесот на промоција на државата која ќе придонесе кон поголемо запознавање на државата да некој може да дојде и да инвестира, велат тие.
Мицкоски најави дека во Програмата се предвидува Македонија да се искачи во Топ 10 на листата на „Дуинг бизнис“, каде што последните години се забележува пад, но и на листата на Форбс. За бизнисмените тоа треба да значи општо подобрување на бизнис-климата.
Тоа е општо подобрување на бизнис-климата и подобрување на услови за водење бизниси и поголема локална конкурентност. Тоа значи дека не е работата колкава е статистиката, туку да има реално видливи работи, што значи дека треба да има дијалог со бизнис-секторот и адресирање на проблемите или потешкотиите со кои се соочуваат компаниите.
На пример, ако Советот на странски инвеститори излезе со „Бела книга“ со икс прашања или некоја асоцијација, тоа значи дека тие работи треба да се направат во интерес за поголема конкурентност. Тоа секако придонесува и за домашните и за странските компании, но и за влез на нови компании, велат бизнисмените.
Освен зголемувањето на платите, пензиите, рамниот данок, намалување на невработеноста под 10 отсто, нула персонален данок за млади до 29 години, Мицкоски во новата програма најави отворање на иновациски центри, бизнис-инкубатори и акцелератори, научни и технолошки паркови за младите и креативните луѓе и нивна целосна поддршка во реализација на нивните бизнис-идеи.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија нов модел на реиндустриализација, што значи нов економски модел кој ќе биде базиран на модерна реиндустријализација.
За таа цел планираме да понудиме конкретни мерки за поддршка на домашните компании во нивното технолошко и организациско унапредување, реформа на Македонската банка за поддршка на развојот во Македонско извозно развојна банка која ќе обезбеди поволни кредити и извозна поддршка за домашните компании и субвенционирана камата за развој, ќе ја редефинираме програмата за странски инвестиции со цел привлекување на компании со најголем потенцијален бенифит за македонската економија, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави нови четири милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат, односно повеќе поддршка од државата за домашната економија и компании и привлекување на странски директни инвестиции преку реформиран модел кој ќе биде привлечен за светски големи компании.
Можам да кажам дека веќе водиме разговори со неколку големи европски компании кои се одвратени поради корупцијата, беззаконието и лошата бизнис-клима во овие три години да инвестираат во државата. Чекаат и тие поволна клима по 12 април да започнат со инвестирање, рече Мицкоски и најави раст на БДП за минимум 4% годишно.
Најави повеќе од 90% реализација на планираните капитални државни инвестиции годишно, внимателно планирање и испорака на тоа што е испланирано.
Сега имаме историско најниско ниво кое се движи околу 69 проценти и тоа по ребалансот на буџетот. Над 90 проценти реализација на капитални државни инвестиции подразбира повеќе работа во градежништвото, повеќе работа во трговијата и повеќе бизнис за претприемачите, рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.