За најмалку 70 отсто ќе се намалат ратите за кредитите од финансиските и лизинг друштва во следните три месеци за граѓаните, за кои нема да смеат да се пресметуваат и наплатуваат трошоци, провизии и казнени камати. Овие обврски рамномерно ќе се распоредат на останатите рати во текот на исплатата, или може да се продолжи отплатата за најмалку 90 дена. Ова е регулирано со донесените уредби за финансиски друштва и за лизинг на денешната владина седница – информираат од Министерството за финансии.

Известувањето за новите услови граѓаните ќе добијат преку веб-страната на финансиското или лизинг друштво, смс, е-маил или друга електронска комуникација – ако во рок од 10 дена не се изјаснат дека ја одбиваат понудата, истата се смета дека е прифатена.

За правните лица ќе се одлучува индивидуално, по барање на самиот клиент, доставено исто така електронски.

Нови договори за кредити пак, може да се одобруваат со 3 месеци грејс период по барање на корисникот и во тој период ќе се пресметува само договорна камата.

Паралелно, со намалување на законската затезна камата, ставката на вкупните трошоци кои се наплаќаат кои досега изнесуваа 51 отсто од вкупната сума на кредитот, сега се намалуваат на 31 отсто. Останатите трошоци кои досега не беа ограничени, сега се ограничуваат на 30 отсто од одобрениот кредит.

Со овие измени значително се олеснува товарот за исплата на овие кредити, како и се намалуваат трошоците за нивно сервисирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.