Во фаза на завршна подготовка е најголемата измена на тарифниот систем за електрична енергија од осамостојувањето до денеска и сигурно е дека ќе се воведат блок тарифи. Во моментов ги правиме последните анализи со Електротехничкиот и Машинскиот факултет – дали да има три или четири блок тарифи, но сигурно е дека блок тарифите нема да важат за евтината струја. Оние домаќинства што повеќе трошат ќе плаќаат поскапа цена на електричната енергија, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

За евтина тарифа потрошувачката ќе биде неограничена и нема да постојат блокови, а за највисокиот блок цената за домаќинствата ќе биде многу блиску до пазарната. Искуствата во регионот ни покажуваат дека ние ќе бидеме прва таква земја која што ќе примени блокови само за скапа тарифа, бидејќи сметаме дека евтината тарифа треба да остане без никакви ограничувања и домаќинствата да ја користат, бидејќи тоа му одговара и на нашиот електроенергетски систем имајќи во предвид дека во одредени периоди од годината во ноќните часови заради термо производството на регулираниот пазар имаме и вишоци на електрична енергија – рече Бислимоски на денешната прес-конференција.

Нагласи дека 17 семејства во државата трошат 10 проценти од вкупната потрошувачка на домаќинствата и додаде дека се стопроцентни плаќачи кои немаат никаков проблем со покривањето на трошоците за електрична енергија.

Тоа е околу 330 милиони киловат часови или тоа е приближно 30 проценти од домашното производство од хидроелектраните во сопственост на ЕСМ. Седумнаесет домаќинства трошат 30 проценти од хидропроизводството. Немаме против да трошат, колку сакаат ќе трошат, но тие домаќинства со енормна потрошувачка ќе плаќаат цена блиску до пазарната – посочи Бислимоски.

Ќе одиме, прецизира, со опција три или четири блока со цел да имаме поголем опфат на граѓаните што имаат минимална потрошувачка, што е можно повеќе да опфатиме ранливи категории на потрошувачи и да опфатиме домаќинства што немаат друга опција на греење освен електричната енергија.

Нашите анализи покажуваат дека во државата има околу 660 илјади домаќинства и тоа имаме домаќинства со потрошувачка од 0 до 100 киловат часови – 21,49 проценти и тие се најбројни. Од 100 до 200 киловат часови имаме 14,4 проценти, од 200 до 300 киловат часови имаме 14,86 проценти, од 300 до 400 имаме 12,78 проценти, од 400 до 500 имаме 9,68 проценти, од 500 до 1000 има 19,81 процент и над 1000 киловат часови е приближно 7 проценти. Просечна потрошувачка на домаќинство во државата на месечно ниво изнесува 410 киловат часови – истакна Бислимоски и прецизира дека 53 проценти од потрошувачката на електрична енергија се во скапа, а 47 проценти се во евтина тарифа.

За оние потрошувачи чии домови се празни и немаат воопшто потрошувачка на електрична енергија, како што кажа, се размислува да се воведе одреден паушал бидејќи електричната енергија во секој момент им е достапна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.