Иако се најавуваше дека до крај на месец мај ќе биде пуштен за сообраќај автопатот Миладиновци – Штип, сепак не се случи тоа. На автопатот сè уште се работи, а возачите се нестрпливи и нервозни во исчекување на пуштање на делницата која одамна е готова и која некои возачи ја користат на „диво“, односно возат по неа, иако таа официјално не е во употреба.

На социјалните мрежи бројни се коментарите, кои преминуваат во иронија. Дали се чека слободна музика, прашуваат возачите со потсмев.

Според изјавите на надлежните градежните работи биле завршени уште во декември лани, на три места ќе има сообраќаен режим бидејќи ќе се градат пристапните патишта до околните места кои не биле во проектот. Исто така, преку тендер во тек е избор на изведувач и за други позиции на трасата кои се неопходни, а не биле предвидени со проектот, како што се на пример погрешно изведените сливници. Во моментов се поставува заштитната ограда покрај патот, а летово ќе се градат двете предвидени патарини.

Овој автопат долг 48 километри, по кој од главниот град до Штип ќе се стигнува за околу 45 минути почна да се гради во 2014 година со најава дека ќе биде готов до мај 2017 година. Но, тогаш беа завршени градежните работи на половина од патот, па пуштањето е најавувано и откажувано уште неколку пати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.