Пред извесно  време беше објавена намера за изградба на интерконектор за природен гас меѓу Република Македонија и Република Бугарија, наречен Петрич- Струмица. Карактеристично за ваквиот проект е што промовирањето започнува пред одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година, а тоа е повеќе од доволно за да има карактер на политички маркетинг.

Она што на прв поглед остава впечаток и продуцира нејаснотии е зошто овој проект за интерконектор е претставен од страна на Македонско–  Бугарската стопанска комора. Имено, во Законот за енергетика ваква Комора воопшто не е дефинирана, а изминативе месеци истата работела на проектот.

Сето ова е особено чудно бидејќи Владата уште пред две и пол години склучила Меморандум за ваков интерконектор, досега не презела ништо, и сега одеднаш пред избори проектот на нејасен начин се разработува од Македонско– Бугарската стопанска комора. Оваа комора дури подготвила и некаков план и иницијатива која беше врачена на Премиерот на Република Македонија со барање да се усогласи со Премиерот на Република Бугарија за да даделе налог да се формира едно заедничко друштво кое што би овозможило проектирање и привлекување на инвеститори „кои веќе ги имале“.

Уште на самиот почеток од излагањето на претставникот од Македонско – Бугарската стопанска комора се јавува непремостлива небулоза, бидејќи ваквиот интерконектор ќе ни овозможел втор пристап до природен гас, кој пак втор пристап ќе ни овозможел да имаме два резервни независни извори на енергија. Наведеното е небулоза бидејќи најавениот интерконектор ќе биде поврзан на истиот меѓународен гасоводен коридор на кој е и веќе постоечкиот приклучок за Република Македонија кај Деве Баир и поради тоа по ништо нема да биде различен од постоечката интерконекција.

Дали е ова од незнаење, или пак од знаење, ама само да се замајува народот, „демек еве нешто правиме и сме многу успешни!“

Следна небулоза која беше изнесена е дека со овој интерконектор сме се поврзувале со сите гасни коридори, пред се со ТАНАП, рускиот гас, гасот што Бугарија сама по себе го имала и преку гасот што се создавал од согорувањето на природените горива. И наведеното е небулоза бидејќи со останатите гасни коридори треба да се поврземе преку новата интерконекција со Грција за која уште во 2015 година е склучен Меморандумот за нејзина изградба. Рускиот гас го добиваме и преку постоечката интерконекција кај Деве Баир, а за постоење на гас што се создавал од согорувањето на природените горива и не вреди да се коментира.

Што се однесува до гасоводниот коридор ТАНАП кој беше актуелен изминативе денови, природниот гас од ТАНАП единствено може да се преземе од друг гасоводен коридор, наречен ТАП, кој минува низ Грција, но досега не е објавено ниту дека е склучен договор за приклучок на ТАП со компанијата која го гради ТАП (The Trans Adriatic Pipeline (TAP) AG), ниту дека е склучен договор за резервирање или пак закуп на капацитети природен гас од ТАП.

Поради тоа што дадените причини за изградба на овој интерконектор се нереални и неточни, не постои никаква економска оправданост за изградба на интерконекторот Петрич – Струмица, дотолку повеќе што од него не може да се набави природен гас од трет извор на снабдување, во случај ако се реализира интерконекцијата со Грција.

Она што е најважно, а што е заобиколено во ваквиот проект, е тоа што согласно Законот за енергетика надлежен за интерконектори е Операторот на системот за природен гас кој е под надлежност на Министерството за економија и таа улога не може да ја има ниту Македонско – бугарската стопанска комора, ниту некое заедничко друштво. Оттука е нејасна улогата на Македонско – бугарската стопанска комора и се поставува прашањето дали се вклучува заради тоа што „веќе ги имале“ инвеститорите, а со тоа би следел и бизнисот со природен гас како и доминацијата на пазарот. И за крај, во Законот за енергетика јасно стои дека интерконекторот служи за да се поврзат системите на две соседни држави, при што овој Закон не препознава постоење на интерконектор кој служи за потребите на конкретен град.

Од она што може да се извлече од презентираниот проект, не е коректно на граѓаните да им се ветува поевтино гориво кое во околните градови на Струмица би се доставувало како компримиран гас (CNG), кога на истата промоција од друг аспект се кажува дека снабдувањето со компримиран гас (CNG) во Струмица било поскапо и со нетрпение се очекувало да дојде гас преку цевка за да биде поевтин, поради што и ќе се градел презентираниот интерконектор.

И за крај, според правилата кои важат во енергетиката, ваквите инвестиции на инвеститорите „кои веќе ги имале“ им се враќаат преку повисоки цени на природниот гас кои треба да ги плаќаат граѓаните и компаниите како крајни корисници. Но, тоа изгледа на оваа власт не и значи многу.


Пишува: Крсте Миладинов, дипл. ел. инж., експерт за природен гас

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.