Регулаторната комисија за енергетика излезе со вонредна одлука за намалување на цените на нафтените деривати.

Практично, цeните на бензините и дизелот ќе се намалат за два денари, а според објаснувањето од РКЕ, ова се случува од причина што Уредбата за одредување на скалеста акциза престанува со важност од ноќеска на полноќ, а измените на Законот со кои тоа требаше да се спроведе, се уште не се изгласани во Собранието, бидејќи нема кворум.

Практично, од вечерва на полноќ цените ќе се намалат, бидејќи РКЕ се раководи од законот кој уште е на сила.

Врз основа на член 24, став (1), точка 1), алинеја 16 од Законот за енергетика, член 8 од Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и Одлуката за определување на ескалираната густина и деескалираната густина на секој нафтен дериват и гориво за транспорт, висината на надоместокот P за премија, транспортните трошоци Т до склад во Република  Македонија и висината на надоместокот D за трошоци за работење преку склад и трговска маржа со вклучени транспортни трошоци од склад до бензински станици и крајни потрошувачи, Регулаторната комисија за енергетика на седницата одржана на 22.01.2021 година, (денеска) донесе О Д Л У К А за изменување на Одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, се вели во соопштението од РКЕ.

Во Одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтени дeривати и горива за транспорт во членот 1 став (1), се менува и гласи: „(1) Највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, изнесуваат:

Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 61,00 (денари/литар)

Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 63,00 (денари/литар)

Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 52,50 (денари/литар)

Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 41,50 (денари/литар)

Мазут М-1 НС – 30,823 (денари/килограм)“.

Членот 3 се менува и гласи: „Во највисоките малопродажни цени утврдени со членот 1 од оваа oдлука, содржан е надоместок за трошоци за работење преку склад и трговска маржа, којшто за Еуросупер БС95, за Еуросупер БС-98, за Еуродизел БС (Д-Е V) и за Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) е во износ од 5,500 денари/литар, додека за Мазутот М-1 НС надоместокот е во износ од 2,500 денар/килограм“.

Членот 7 се менува и гласи: „Во највисоките малопродажните цени утврдени со членот 1 од оваа одлука акцизите што ги плаќаат обврзниците согласно прописите за акцизи, изнесуваат:

Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 21,786 (денари/литар) – Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 21,874 (денари/литар) – Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 15,482 (денари/литар) – Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 6,157 (денари/литар) – Мазут М-1 НС – 0,100 (денари/килограм)“.

Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе отпочне да се применува од 00:01 часот на 23.01.2021 година и истата ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и на веб-страницата на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.