Земјите од регионот од полиците ги повлекуваат сладоледите „Bounty“, „Snickers“ и „Twix“, кои се увезени од ЕУ земји, а во нив имаат зголемено ниво на етилен оксид, додека во Македонија допрва ќе се спроведува инспекциска контрола за тоа дали и во земјава се увезени такви сладоледи.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за „Плусинфо“ информираат дека вчера попладне до нив е пристигната нотификација (број 2021.3720) од системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската Унија, која е поврзана со увезени небезбедни кондиторски производи коишто во својот состав содржат адитив со наод на етилен оксид. Станува збор за адитивот „locust bean gum“.

Согласно воспоставената процедура за постапување по добиената нотификација, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат контрола кај двајца оператори увозници. По спроведената инспекциска контрола ќе бидат утврдени количините и видовите увезени производи и ќе се дефинираат насоките за понатамошно дејствување – велат од АХВ за Плусинфо.

Оттаму додаваат дека по спроведените инспекциски контроли кај двата оператора и доколку бидат откриени спорни сладоледи, тие ќе бидат повлечени од употреба.

Министерството за земјоделство на Хрватска, уште во петокот, заедно со увозникот од претпазливост ги повлекле производите „Snickers xtra ice cream“ 66 g-single, „Snickers ice cream“ 48 g – 6 pack box, „Twix ice cream“ 47 g – single, „Twix ice cream“ 34,2 g – 6 pack box, „Bounty ice cream“ 39,1 g – 6 pack box и „M&Ms peanut ice cream stick“ 62 g – single.

Производите кои се отповикани имаат различни датуми на истекување и број на серии, а со известувањето е објавена и табела со повлечените производи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.