Во пошта повторно може да се плаќаат сметки и од утре повторно функционира платниот промет во единиците на поштенската мрежа.

Платниот промет во првата недела ќе биде достапен во повеќе единици на Пошта и тоа: Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на месец март услугата ќе биде достапна и во сите останати единици на Пошта, односно на повеќе од 300 точки низ целата држава.

Голем број на граѓани и компании изминатиов период апелирале до Пошта побрзо да ја воспостави оваа услуга бидејќи постојат многу места низ земјата каде шалтерите на Пошта се единствената физичка опција за вршење на трансакции од платниот промет.

Според најавите од Халкбанк освен стандардните банкарски услуги, банката-партнер ќе понуди и други услуги кои освен за нивните коминтенти, ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на „Пошта“.

Инаку, над 870 вработени во „Пошта“ целосно или делумно извршуваат работни обврски поврзани со обезбедувањето на услуги од платниот промет. Според договорот, 71 отсто од остварениот приход ќе биде наменет за државната пошта, а 29 отсто за Халкбанк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.