Депозитите во мај имаат месечен раст од 1,2 отсто, додека кај кредитите растот е 0,8 отсто. Податоците на Народната банка на годишно ниво покажуваат дека депозитите забележале раст од 7,1 отсто, а кредитите од 5,6 отсто.

Од Народната банка наведуваат дека растот кај депозитте е поизразен кај корпоративниот сектор, додека кај кредитите во секторот домаќинства.

Овој месец, вкупните депозити на корпоративниот сектор, се зголемиле за 3,4 отсто во споредба со претходниот месец. Растот речиси целосно произлегува од зголемените депозитни пари, при позитивно влијание и на краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута, во услови на пад кај останатите компоненти. Годишниот раст од 16 отсто во најголем дел е резултат на повисоките депозитни пари, при помал, но позитивен придонес и на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, во услови на пад кај краткорочните и долгорочните депозити во денари.

Кредитите на корпоративниот сектор, во мај, бележат раст од 0,8 отсто на месечна основа, пред сè заради зголемените кредити одобрени во денари. На годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 2,1 отсто и се одраз на повисоките кредити во денари и странска валута, со поизразено учество на денарските кредити.

Во мај, кај вкупните депозити на домаќинствата е остварен месечен раст од 0,4 отсто, којшто во најголем дел се должи на зголемените краткорочни депозити во странска валута, при позитивно влијание и на депозитните пари, краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута, а во услови на пад кај долгорочните депозити во денари. Годишната стапка на раст изнесува
4,8 отсто, како резултат на повисоките депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при забележан пад кај останатите компоненти.

Кредитите на домаќинствата, овој месец, забележаа месечно и годишно зголемување од 0,8 отсто и 8,8 отсто, соодветно. Кредитите во денари имаат поголем придонес кон нагорната промена на месечно и годишно ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.