Завршени се сите процедури во однос на апликациите за субвенциите во туризмот. Тие што не се исплатени, ќе бидат префрлени следната или најдоцна наредните две недели, рече денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

Зборувам за сите тие што ги исполнуваат условите согласно објавениот повик во рамки на шестиот пакет мерки – рече Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања на настанот по повод 27 Септември, Светскиот ден на туризмот.

Според него, Министерството ќе продолжи со мерките за поддршка на туризмот.

Затоа бараме од сите чинители да придонесат со нивни предлози и барања, да кажат што е за нив најдобро во пост-КОВИД периодот.

Претходно, Владимир Граматиков од Сојузот на стопански комори (ССК) потврди дека имало административни пречки во доделувањето на субвенциите.

Во комуникација со Министерството за економија се обидовме да ги откриеме пречките. Се надеваме дека субвенциите ќе бидат исплатени и дека се ќе биде во ред – истакна Граматиков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.