Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека неспособноста на власта на СДСМ и ДУИ повторно излезе на виделина со нереализирањето на планот за изградба на пругата кон Бугарија.

6,5 милиони евра државата платила за пенали поради нереализација на пругата, втората делница кон Бугарија. Ем нема пруга кон Бугарија, ем 6,5 милиони евра помалку во Буџетот. Бочварски, но и Ковачевски мора кривично да одговараат за оваа штета врз Буџетот на Македонија, како и штетата да ја платат со сопствениот имот. Одговорност за ова катастрофално работење мора да има – наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека министрите од оваа криминална власт ги бива само за сликање и потпишување на протоколи за соработка со соседите, но целосно се неспособни да изградат еден километар железничка пруга.

Помпезно најавуваната изградба на пругата како дел од добрососедските односи со Бугарија остана заглавена во Протоколот со направена милионска штета врз џебот на граѓаните. Со 6,5 милиони евра кои државата ги даде за камати и пенали можеа да се набават десетици патнички вагони, лакомотиви, а можеа да се реконструираат и десетина километри од железнички пруги во Македонија. Недомаќинското работење со државните пари, граѓаните ќе го казнат на следните парламентарни избори. Секој украден денар од Буџетот ќе биде вратен и секој кој украл од граѓаните ќе одговара – додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.