Поради неодговорноста на власта на Заев, граѓаните ќе плаќаат 4,13 денари повеќе за секој литар купено гориво. Оваа такса трајно го поскапува горивото и отвора инфлаторна спирала, а власта ја воведува само за да пополнува буџетски дупки и да го ублажи катастрофалниот долг кој го создаде, велат од најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ.

Токму преку вакви нови такси, повисоки даноци, поскапа струја и слични давачки, власта на Заев ќе ја покрива својата погрешна финансиска политика. За само 4 години власта на Заев го искачи долгот на рекордни 7,2 милијарди евра, или загрижувачки 63% од БДП. Само за илустрација долгот за овие 4 години порасна за нови 2,4 милијарди евра или за цели 50% повеќе отколку што наследија. Заев на секое просечно семејство му натовари нов долг од 4800 евра за време на својата власт.

Да биде пострашно, апсолутно никој не знае каде завршија овие милијарди од новите долгови, како и милијардите од даноците кои ги плаќаат граѓаните. Нема ниту капитални инвестиции, ниту поддршка за стопанството, нити нови училишта, болници, градинки, автопати и слично, сметаат од ВМРО ДПМНЕ.

Затоа и овие 4,13 денари по литар поскапено гориво е обична петро-заева такса која треба врз грбот на граѓаните да ги покрива погубните економски и финансиски политики на Заев, криминалот, корупцијата и галопирачкото задолжување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.