Според ВМРО-ДПМНЕ, шестиот пакет-мерки на Владата е задоцнет и нема да ги покрие загубите на најкритичните стопански дејности затоа што тие не одговараат на моментната економска состојба во државата.

Скандалозно е носењето мерки дури пе цел месец рестрикции откога беше воведен полицискиот час, со кој се ограничи движењето на населението во вечерните часови, токму во времето кога погодените економски сектори го остваруваат приходот.

Неспособноста на оваа власт се манифестира во следното: наместо обесштетување на економските сектори, пакетот мерки е скроен за санација на штети што ги предизвика најнеодговорниот министер за здравство што Република Македонија го имала во својата историја досега.

Наместо поддршка, мерките ќе ги претворат најкритичните економски сектори во најкритични социјални сектори, а последицата ќе биде Ковид-19 технолошки вишок вработени или Ковид-19 стечајци.

Себично и селективно е однесувањето на економските советници на власта затоа што мерките не предвидуваат санација на економските штети, а уште помалку не поддршка на трудово-интензивната индустрија, како што се текстилната и кожарската индустрија. Изоставени се градежната индустрија, естрадните уметници, драмската дејност, рударството. Оставени сами на себе се инвеститорите во зоните и прехранбената индустрија. Доказ за тоа е порастот на цените на прехранбените продукти, кои зголемените производни трошоци, поради рестрикциите на оваа Влада, ги пренесуваат на цената на чинење на готовите производи.

Народот треба да се подготви за најлошите економски сценарија бидејќи на оваа Влада состојбата ѝ е излезена од контрола, порачуваат од партијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.