Мега аферата на СДС вториот ТАТ, пропаѓањето на Еуростандард банка открива огромен сомнеж за две работи. Првата дека одредени кругови на власта поради бизнис интереси ја втурнуваат банката во пропаст и втората, додека стотина илјади сметки се блокирани, 20 милиони евра ќе останат ненаплатени, луѓе од власта знаеле дека банката пропаѓа и пред време извадиле илјадници евра, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Иван Јорданов на прес-конференција од седиштето на партијата рече дека меѓу тие кои пред пропаѓањето на банката извадиле пари е и министерката за финансии Нина Ангеловска.

Иако најпрво таа негираше, јавноста дозна дека последната сума која била повлечена била на само месец и половина пред затворањето на банката. Несомнено како управител на макроекономијата во државата се наметнува сомнежот дали додека сега има измамени штедачи, Нина Ангеловска ја искористила својата повластена позиција за да си ги спаси своите пари, рече Јорданов. 

Додаде дека од своја одговорност не може да се извлече и НБРМ, која нетранспарентно и сомнително го управувала целиот процесот, а Народната банка го одбила барањето на сопственикот за воведување на администрација.

Јавноста има право да знае за сите аспекти, бидејќи Народната банка ќе финансира и ги работи народните пари. Воедно, се поставува прашањето што работи Комитетот за финансиска стабилност за Еуростандард банка, Комитет во кој заедно учествуваат гувернерката на НБРМ и министерката за финансии?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека време е и Обвинителството да отвори случај со кој ќе го испита пропаѓањето на Еуростандард банката, кои кругови на власта спасувале предвреме пари и кои струмички фирми имале кредити во банката.

Две работи се сигурни, неспособната влада на СДСМ ја поскапи струјата и сега имаме повторно ТАТ, измамени штедачи и пропадната банка, истакна Јорданов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.