Вредноста на 30.000 денари сега и пред една година не е иста поради инфлацијата, му одгвори ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Димитар Ковачевски, кој утрово со видеопорака уште еднаш се пофали дека владата го исполнила клучното ветување за просечната плата.

Малку кој веруваше дека ќе имаме двоцифрена инфлација која е една од највисоките во регионот. Малку кој веруваше дека за една година цените на основните животни потреби на граѓаните ќе се зголемат од 30 до 100%. Цената на струјата е покачена за 30%, цената на горивата е покачена за 80%, цените на лебот и брашното се покачени за 100%, шеќерот за 40%, млекото за 50% , маслото за јадење е двојно поскапо итн. Стандардот на граѓаните е уништен. Платите ја изгубија својата вредност. Прашањето кое треба да си го постават во владата е колкава вредност имаат 30 илјади денари сега, а колку имале пред една година, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо евтин пи-ар, премиерот Ковачевски треба да се симне меѓу народот и да ја види растечката сиромаштија.

Над 35% од граѓаните се во ризик од сиромаштија. Над половина милион граѓани живеат со 150 денари дневно, а власта во исто време предвидува стотици милиони евра за непродуктивни трошоци како набавки на мебел, службени возила, цвеќиња, кафиња, жардињери, плаќа криминални физибилити студии и испумпува пари во партиски фирми преку матни тендери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.