Пратениците денеска на продолжение на 116. седница ја почнаа расправата по Предлог-законот за гаранција од државата за  Договор за заем од 179 милиони долари за дополнително финансирање на автопат Кичево – Охрид којшто ќе се склучи меѓу Експорт – импорт банката на Кина и Јавното претпријатие за државни патишта. Расправата ќе продолжи попладнево во 15 часот по редовната пауза на пратениците.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски информира дека по изгласувањето на законот, што се носи по скратена постапка,  Договорот за заем ќе се склучи меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Експорт – импорт банката на Кина.

– Проценетата вредност на дополнителните финансиски средства за проектот за кој претходно беше изгласан анекс на договорот од страна на ова Собрание, е 179.694.572 долари. Имплементатор на проектот ќе биде Јавното претпријатие за државни патишта. Проектот ќе се финансира со заем од Експорт – импорт банката на Кина, рече Сугаревски.

Заемот ќе биде доделен со рок на отплата од 20 години и вклучен грејс период од пет години. Каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.