Владата на вечерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата за воспоставување на бескаматна кредитна линија со грант компонента наменета за микро и мали претпријатија погодени од КОВИД-19 (Ковид 3), и го задолжи Министерството за финансии, во име на Владата да потпише договор за администрирање на средствата со Развојна банка.

Како што соопштија од Влада, во врска со оваа точка Владата го задолжи Министерството за економија да достави Предлог-одлука за префрлање на средствата од програма П1 во вкупен износ од 60.000.000 денари на посебна сметка на Развојната како буџетски придонес во реализација на мерката, по што банката треба да ги преземе сите активности неопходни за операционализација на мерката и воспоставување на третата бескаматна кредитна линија за поддршка на микро и мали претпријатија.

Владата го задолжи Министерството за финансии, во соработка со Секретаријатот за европски прашања, да ја известат Делегацијата на ЕУ во земјата дека мерката е усвоена од Владата и дека Министерството за финансии, Министерството за економија и Развојна банка преземаат активности за операционализација на истата.

Финансиските средства за бескаматна кредитна линија со грант компонента наменета за микро и мали претпријатија погодени од КОВИД-19 (Ковид 3) се повлечени од 50-те милиони евра награда за успешност заради целокупниот напредок во процесот на Европска интеграција, за кои Владата со официјален допис се обрати до Европската комисија дека овие средства ќе се користат за опоравување на земјата од последиците предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, соопштија од  таму.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.